
КЈП “Водовод” Кочани има долг од речиси 80 милиони денари, објавија од политичката партија Левица.
-На 29 седница на Советот на општина Кочани беше поднесен Извештај за финансиското работење на КЈП „Водовод“. Јавното претпријатие е во текот на минатата, 2022 година забележало негативно салдо од околу 70 милиони денара, а само во првиот квартал од оваа година е во загуба од 9 милиони денара!
Тоа што претпријатието е пропаднато во финансиска провалија не го спречи директорот Антонио Паунов да плати близу 1.250.000 денара за такси превоз за вработените, да исплати 1.250.000 денара за адвокати и нотари и да потроши дури 5.600.000 денара за привремени вработувања само во првиот триместар од тековната година! На крај, покрај ваквото раскалашено трошење тој денес излезе да бара покачување на цените за вода и комунални услуги. Граѓаните не се должни да ги подмируваат штетите причинети од недомаќинското управување со јавното претпријатие!
На КЈП „Водовод“ му е неопходна итна ревизија и способен директор, а градоначалникот Љупчо Папазов да си ја поднесе одговорноста за негативното работење на „Водовод“ бидејќи токму тој назначува директор во јавното претпријатие. – велат од Левица.