Македонската ракометна репрезентација го загуби првиот натпревар на Светското првенство во Полска и Шведска. Подобра од избраниците на Кирил Лазаров беше норвешкиот национален тим, кој извојува победа од 39-27.
„Честитки за Норвежаните, заслужено победија и беа подобри од нас. Бевме добри дваесет минути, но невозможно е да се игра шеесет минути на тоа ниво против една селекција која ја сметам за една од четирите најдобри на светот. Кога ќе направите 17 технички грешки нема помош. Тоа е причината што загубивме со дванаесет разлика. Бевме добри дваесет минути, а и во вториот дел ги изненадивме со играта „седум на шест“. Сепак, во пет минути грешките донесоа лесни голови за противникот.
Беше невозможна мисија, но ќе се подготвиме подобро за следните натпревари и ќе се обидеме да победиме против следните два противници. Ни следи Холандија која е моќна, но не е како оваа норвешка селекција“, изјави Лазаров по натпреварот..
Македонските ракометари во недела со почеток од 18:00 часот играат против Холандија.