Почетна Свет Кралството Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Македонија

Кралството Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Македонија

од nenad
5 минути читај за

Донацијата составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден во Скопје.

На церемонијата на која беа изложени добиените 76 моторни возила, за значењето на донацијата се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска, амбасадорката на Кралството Норвешка за  Македонија, Кристин Мелсом, началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и бригадниот генерал Андрес Јернберг, командант на логистика на Вооружените сили на Кралството Норвешка.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во своето обраќање истакна дека денешниот настан најдобро го отсликува цврстото сојузништво помеѓу Македонија и Кралството Норвешка и дека одбранбена соработка е пример за сојузничка соработка и поддршка со која се зајакнува Армијата на Македонија, а истовремено се зајакнува и мирот, безбедноста и стабилноста на Алијансата.

„Оваа норвешка донација од 76 неборбени моторни возила, значително ќе придонесе за зголемување на транспортните можности на единците на Армијата односно на нивната борбената готовност. И јас како министерка, но и припадниците на Армијата и граѓаните на оваа држава, благодарни сме за вашата донација која доаѓа во прав момент и ќе овозможи значително зголемување на капацитетите на единиците на нашата Армија за извршување на нивните задачи, што директно ќе влијае и за постигнување на декларираното ниво на борбената подготвеност на претстојното оценување“, рече Петровска.

Министерката посочи дека Норвешка е ценет, посветен и докажан пријател на Македонија, а областите во кои е воспоставена соработка и поддршката во градење на капацитетите особено во контекст на целите на способности на НАТО се бројни. „Заедно сме посилни, а поддржувајќи се едни со други како сојузници и пријатели можеме да изградиме посигурна иднина за генерациите што доаѓаат“, порача министерката Петровска.

Обраќајќи се пред присутните, амбасадорката Мелсом истакна дека меѓусебните дипломатски односи кои континуирано се подобруваат во последните 30 години, во последните години уште повеќе се зајакнаа и во воената соработка, особено по приемот на Македонија во НАТО и посветеноста која ја покажуваме кон исполнување на вредностите на Алијансата.

„Ја гледаме не само воената опрема што и ја дадовте на Украина, туку и зголемениот број војници што ги имате распоредено во различни мисии. Вашата цел да распоредите 10% од вашата армиска структура е импресивна. Ова го гледаме на дело со вашите придонеси во мисиите на ЕУ, мисиите на НАТО, КФОР во Косово, учеството во Активности за зајакната будност во Романија и Бугарија, Зајакнато истурено присуство во Латвија и мисијата на ОН во Либан. Сето ова потврдува дека работите подеднакво како и сите други во Алијансата и Норвешка со гордост ве нарекува и сојузник и пријател.“ истакна амбасадорката Мелсом.

Генералот Јернберг го оцени овој ден од историско значење бидејќи ја одбележува најголемата донација на воена опрема што Кралството Норвешка ја има направено за некоја земја од Западен Балкан. Притоа тој истакна дека она што во меѓусебните разговори со нашите армиски претставници го има забележано е дека иако нашите земји се различни, како и армиските команди и воена организација се разликуваат, имаме заеднички логистички пристап и дека преку билатералната соработка кога станува збор за обезбедување на поддршка овозможува взаемно ефикасна, ефективна и поодржлива воена логистика.

Началникот на генералштабот генералот Ѓурчиновски пред присутните изрази благодарност кон Кралството Норвешка, притоа истакнувајќи ја важноста на оваа донација за подобрување на армиските капацитетите преку значително подобрување на мобилноста на армиските единици во исполнување на задачите кои ни престојат. Притоа, зборувајќи за меѓусебната билатералната соработка кое Армијата ја има на ниво на началници на генералштабови тој ја истакна поддршката од неговиот колега генералот Ерик Кристоферсон и Вооружените сили на Кралството Норвешка кои го имаат препознаено нашиот придонес и поддршка која ја овозможуваме заедно со нашите НАТО сојузници за Украина. Говорејќи за важноста на донацијата рече дека е една од најголемите добиени донации на нашата Армија која не само што ќе ја подобри борбената готовност на Армијата, а воедно бенефит ќе имаат и граѓаните и институциите во државата со што ја вреднува и како едно од неговите најголеми достигнувања во текот на извршување на должноста началник на генералштабот.

Седумдесет и шесте моторни возила, од кои 36 се лесни пешадиски моторни возила од типот – Мерцедес Бенз 290 ГД и 40 товарни моторни возила камиони – Сканија П3, се последен од досегашните многубројни проекти на одличната соработка во одбранбената сфера помеѓу Македонија и Кралството Норвешка. Реализацијата на донацијата е иницирана кон крајот на 2022 година, на една од средбите помеѓу началниците на Генералштабови на двете Армии, генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен, кои разговори во контекст на значењето на мобилноста за Армиите и потребата за зајакнување на транспортните капацитети резултираа со несебична поддршка во овој сегмент од Кралството Норвешка.

Согласно планот за реализација во почетокот на оваа година тим од армиски специјалисти за одржување имаше обука во Кралството Норвешка за запознавање со возилата и начин на нивно одржување, да веќе во месец март е пристапено кон доставување по морски пат до пристаништето во Солун, од каде на 18 и 19 овој месец се транспортирани до касарната Илинден.

Моторните возила ќе бидат распоредени во единиците во Армијата со што не само што ќе се зголемат транспортните можности и мобилност на единиците, туку и значително ќе се зголемат капацитетите на единиците за извршување на поставените задачи.

Во досегашниот период, поддршката од Кралството Норвешка во одбраната се реализира во повеќе начини, меѓу кои како позначајни се донацијата на полска болница со улога 2, експертска помош и советување, поддршка на Регионалниот Центар за Односи со Јавност, регионалниот проект за напредно учење на далечина, потрошен медицински материјал за потребите на полската болница, донацијата на музички инструменти за потребите на воениот оркестар и друго. Тука е и заедничко учество во операцијата ИСАФ и одлучна поддршка во Авганистан каде наши хируршки тимови учествуваа во составот на Норвешката полска болница.


Post Views:
55

Извор : vesnik-ilinden.com

Кралството Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Македонија

ДОБРО УТРО е дневен информативен портал. Информациите се од секојдневни !

Дизајн GLOBAL NET. Хостирано од MAX HOSTING