Војвотката од Сасекс роденденот го одбележа во семејна атмосфера, но вниманието повторно го привлече со впечатливиот накит што го носеше
Меган Маркл на 4 август го прослави својот 45. роденден. Наместо раскошна прослава или гламурозен прием, војвотката од Сасекс избра мирен ден поминат во својот дом во Монтесито, Калифорнија, во друштво на семејството. Со своите следбеници сподели серија фотографии и видеа кои откриваат дел од атмосферата на прославата.
На една од фотографиите Меган позира покрај базен во едноделен темен костим за капење, истакнувајќи ја својата витка фигура. Еден од највпечатливите моменти е кога скокнува во базенот со шарени балони во раката.
Особено внимание привлече и домашното видео кое го снимил принцот Хари. На снимката се гледа кујна украсена со цвеќе и роденденски балони, додека на шпоретот се подготвува свечен оброк.
Во видеото Меган носи хартиена круна, танцува боса и ужива во музиката, додека од зад камерата се слуша реакцијата на принцот Хари: „О, Боже!“
Во кадарот накратко се појавуваат и домашните миленици на двојката – нивните две кучиња, кои исто така носат празнични капи.
Неколку дена пред роденденот, Меган објави уште една снимка на која го подготвува својот омилен сладолед. Но, наместо рецептот, најголемо внимание привлече накитот што го носеше.
Таа повторно се појави со неколку луксузни парчиња накит, меѓу кои и часовникот Cartier Tank Française, кој некогаш ѝ припаѓал на принцезата Дајана, масивен прстен со дијамант во форма на круша, чија вредност се проценува на околу 250.000 долари, белегзија од дизајнерката Џенифер Мајер, како и уште неколку скапоцени парчиња.
Поврзани објави
Сепак, внимателните следбеници забележаа уште еден интересен детаљ. Веќе неколку месеци Меган многу ретко во јавноста го носи свршеничкиот прстен што ѝ го подари принцот Хари. Последен пат бил забележан на нејзината рака во февруари, за време на НБА натпревар во Калифорнија, а го немаше ниту на јулската премиера на документарниот филм што сопружниците заедно го продуцираа.
Дополнителни коментари предизвика и молкот на британското кралско семејство. На роденденот на војвотката, ниту Бакингемската палата, ниту официјалните профили на монархијата не објавија јавна честитка. Сепак, според познавачите на кралското семејство, тоа не е ништо необично.
Кралскиот коментатор Том Сајкс објаснува дека откако принцот Хари и Меган Маркл во 2020 година се повлекоа од улогата на активни членови на кралското семејство, веќе не добиваат јавни честитки преку официјалните канали. Според него, честитките во вакви случаи се испраќаат приватно, а не преку социјалните мрежи.
Со ова се согласува и експертката за британското кралско семејство Кинси Скофилд. Таа истакнува дека палатата веќе неколку години го следи истиот протокол – јавно им честита само на членовите на семејството кои и понатаму извршуваат официјални кралски должности. Затоа, отсуството на јавна објава не треба да се толкува како знак на непријателство.
Двајцата експерти сметаат дека кралот Чарлс III најверојатно приватно ѝ го честитал роденденот на својата снаа. Според нив, можно е тој да им наложил на вработените во палатата да испратат честитка или подарок, бидејќи отсекогаш важел за дипломатична личност која настојува да ги зачува добрите односи, дури и во сложени семејни околности.
Од друга страна, тие не очекуваат јавен гест од принцот Вилијам и Кејт Мидлтон. Односите меѓу двете семејства и понатаму се сметаат за затегнати, па евентуалната комуникација, доколку постои, се одвива далеку од очите на јавноста.
ФОТО: ИНСТАГРАМ