Критериумите од Копенхаген во минатото овозможија успешно надополнување на ЕУ и процесот на прифаќање на нови земји-членки треба да продолжи да се базира на нив, бидејќи владеењето на правото и демократската цврстина се од огромна важност за кредибилен процес на проширување, изјави денес еврокомесарката за надополнување Марта Кос.
“Нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние кои целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхашките критериуми”, нагласи Кос на заедничката конференција за новинари со данската министерка за европски прашања Мари Бјере и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт по завршувањето на неформалната средба на министрите за европски прашања на земјите членки на ЕУ и на кандидатите за членство во Копенхаген.
Кос додаде дека ако ЕУ сака да стане поцврста, ќе мора процесот на проширување да го темели на заслуги и на објективниот успех постигнат од секоја држава кандидат, при што приемот на секоја од нив ќе зависи од темпото на спроведување на реформите, подвлекувајќи дека во случајот на нашата земја “штом Владата ќе го промени Уставот” ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес.
Таа истакна дека на средбата разговорите се фокусирале на тоа како проширувањето ја засилува сигурноста на Европа и на условите за ефикасно спроведување на реформи за членство, со цел граѓаните на идните земји членки да ги почувствуваат придобивките од ЕУ уште пред зачленувањето на нивните држави во Унијата.
“Проширувањето некако се испреплете во геополитичката конкуренција помеѓу слободните демократски општества, од една страна, и авторитарните режими, од друга страна”, рече Кос, надополнувајќи дека проширувањето не е само прием на нови членки, туку станува збор за обединување на Европа, со што ќе се овозможи безбедност на сите и стабилност за целиот континент.
Кос нагласи дека на состанокот се дискутирало и за начините за прогрес во преговорите за пристапување и покрај “билатералните грижи на некои земји членки околу преговарачките рамки и одлуките на Советот”.
“Во овој поглед, Комисијата веќе олесни одредени чекори во пристапните преговори во рамките на ограничувањата на методологијата за пристапување, но секако е отворена и за понатамошни подобрувања, под услов за тоа да се добие согласност од Советот”, рече Кос.
Таа се осврна и на денеска објавените резултати од истражувањето на Евробарометар за проширувањето, подвлекувајќи дека загриженоста околу сигурноста по избувнувањето на војната во Украина резултирала со растечкиот тренд на јавна поддршка за пристапниот процес.
“Проширувањето е стратешка инвестиција во стабилна, демократска и конкурентна Европа со придобивки за сите граѓани и тоа придонесува за мир, просперитет и пообединет континент”, додаде Кос.
Сепак, според неа, истовремено со проширувањето мора да се работи и на подготовка на ЕУ за приемот на нови членки. “Проширувањето и подготвеноста за ЕУ се ист проект… Тоа е двојна патека, и проширување и подготовка, во исто време. Со тоа што ги унапредуваме заедно, го штитиме кредибилитетот на процесот, ја задржуваме јавната поддршка на наша страна и ја правиме Европа посилна, побезбедна и поконкурентна”, заврши Кос.
Данската министерка Мари Бјере, од своја страна изјави дека живееме во предизвикувачки времиња кога руската агресија врз Украина и новите политички трендови што доаѓаат од САД го прават процесот на проширување поважен од било кога.
“Тоа е новата релевантност на проширувањето, кое доби нов импулс. Треба да продолжиме со проширувањето. Тоа не е само нешто што е релевантно. Тоа е геополитичка неопходност затоа што ни треба посилна и побезбедна ЕУ, која е способна да се одбрани, а проширувањето е од суштинско значење за тоа”, истакна Бјере.
Таа нагласи дека на министерскиот состанок не се разговарало за специфичните преговори на секоја од земјите кандидати за членство, туку била одржана постратешка дискусија за проширувањето и како тој процес да се забрза, а сепак да се задржи пристапот базиран на заслуги согласно Копенхашките критериуми.
“Иако Копенхашките критериуми се стари повеќе од 30 години, тие се уште се многу релевантни. Исто така, тие се релевантни и за постојните земји членки. Почитувањето на Копенхашките критериуми и фундаменталните вредности е она што не прави силни и атрактивни, па затоа денеска разговаравме и за тоа како можеме да го зајакнеме почитувањето на владеењето на правото во рамките на ЕУ”, рече Бјере.
Данската министерка истакна и дека на состанокот станало збор и за потребата од внатрешни реформи во ЕУ за нејзино подготвување за проширувањето и за справување со предизвиците.
“Многу сум охрабрена од широкиот консензус што го видов за оваа стратешка насока на ЕУ и затоа сум голем оптимист”, додаде Бјере.