Премиерот на Косово, кој е на функција во технички мандат, Албин Курти, објави дека во текот на следните четири години ќе бидат одвоени повеќе од една милијарда евра за косовските безбедносни сили (КБС).
Курти, кој вчера беше едногласно избран од страна на членовите на Главниот совет на Движењето Самоопределување за кандидат за формирање на новата влада, во своето обраќање денес зборуваше за сегментот на безбедноста, при што најави и креирање на беспилотни летала „Made in Kosovo“.
Тој исто така напомена дека ќе се формира заедничка воена единица со Вооружените сили на Република Албанија. „За нашата армија во четирите години од наредниот мандат ќе издвоиме буџет од над една милијарда евра. Ќе ја продлабочиме и прошириме билатералната и мултилатералната меѓународна соработка со земјите-членки на НАТО. Ќе ја ставиме во функција Фабриката за муниција и ќе ја развиеме воената индустрија на Косово. Исто така, ќе развиеме беспилотни летала ‘Made in Kosovo’“, изјави Курти.
Курти појасни дека зацврстувањето на армијата ќе се оствари преку набавка на оружје, тренинг и едукација во државата, како и во соработка со Албанија и во најпрестижните воени академии во партнерските земји. „Ќе ја создадеме Заедничката воена единица со Оружените сили на Република Албанија. Регрутирањето на нови кадети ќе продолжи со зголемен интензитет. Целиме да имаме 1000 жени и девојки војници во новиот мандат. Програмата за сеопфатна одбрана ќе се спроведе низ целата земја. Во рамките на оваа програма, секој доброволен резервен војник ќе добие соодветна обука и оружје во случај на мобилизација“, изјави Курти.