Парламентарната Комисија за финансирање и буџет денес ја заокружи дискусијата за амандманите на Предлог-законот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година и го достави до Собранието за понатамошна обработка.
За време на денешната седница се одлучуваше за комисиските амандмани, при што беше усвоен еден, кој предвидува дополнителни финансиски средства за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
По предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, мнозинството одлучи да обезбеди пет милиони денари за функционирање на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Стојановски образложи дека во склоп на болничкиот комплекс треба да започне изградба на нов медицински факултет и студентски дом со 200 легла, со цел подготовка за реализација на проектот за Клиничката болница во Штип.
Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, изјави дека амандманот е прифатен поради, како што рече, “вонредните околности кои ги спомена пратеникот.”
Дел од пратениците од Европскиот фронт реагираа, тврдејќи за дискриминација, како што изјави Рина Ајдари, бидејќи не биле прифатени амандманите со кои се бараа средства за Универзитетот „Мајка Тереза“. Во одговор, Стојановски ги демантираше овие тврдења, презентирајќи податоци за обезбедени дополнителни 139 милиони денари за тој универзитет.
Комисиските амандмани од пратениците на СДСМ за обезбедување милијарда и 200 милиони денари за финансиска помош на повредените и семејствата на починатите во пожарот во Кочани, како и за медицинска опрема за Општата болница во Кочани, не беа прифатени. Исто така, не беше прифатен ниту амандманот за 500 милиони денари за противпожарните служби за плати, подобрување на механизацијата и набавка на заштитна опрема.
СДСМ ги најави овие амандмани минатата недела кога повлече 142 амандмани за ребалансот, за кој вкупно беа поднесени 200. “Во март ни се случи најголемата трагедија, Владата не инвестираше доволно, ќе речам многу малку во справувањето со последиците од оваа несреќе. Најголем дел од донациите што беа дадени се од граѓани и општествено одговорни компании преку Црвен крст и „Супорт Кочани“. Секојдневно сме сведоци на барањето за помош и поддршка за повредените од трагедијата и сметаме дека ова ќе помогне во справувањето со последиците,” рече пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска.
Јанкуловски го одби амандманот, нагласувајќи дека континуирано се преземаат активности по пожарот во Кочани и дека моментално се работи на системско решение кое ќе вклучува финансиска помош и се што е потребно. “Владата од првиот момент од кобната вечер кога се случи настанот презеде и презема дејствија за санирање на последиците што настанаа од таа вечер и кои ги имаме до ден денес. Владата е во постојана комуникација со семејствата и на загинатите и на повредените. Преку Министерството за здравство веќе се изведуваат активности во Општата болница во Кочани, преку Фондот за здравство осигурување постојано се набавува потребниот медицински материјал, преку МВР заедно со ФЗОМ се пружа и психолошка нега на пациентите. Се работи на системско решение. Ако сакаме вистински да им помогнеме на сите кои загубиле деца и им се повредиле децата и општо да ја ублажиме состојбата потребен е сериозен системски пристап во кој во план сме да вклучиме повеќе ресори, како и Министерството за демографија и млади каде ќе се обезбеди меѓу другото и финансиската помош и се што е потребно за да се подобрат работите во општина Кочани”, наведе Јанакуловски.
Дискусијата за ребалансот започна на 2 јули со општа дебата која траеше три дена, по што започна амандманската расправа. Покрај СДСМ, амандмани повлече и Вреди.
Во текот на расправата минатата недела, поддршка доби и амандман од пратениците од власта, кој се однесуваше на обезбедување средства во износ од 50 милиони денари за исплата на надоместок на право на посебен додаток кои ги користат лицата со попреченост до 26 години и лица над 26 години старост, односно за лицата за правото на попреченост. Дел од поднесените амандмани повлече и коалицијата „Вреди“.
Со ребалансот на Буџетот се врши прераспределба на средства меѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пред се во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти, а обезбедени се дополнителни средства и за исплата на зголемени пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.
Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, што е за еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на првичните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, изнесуваат 47,5 милијарди денари.
Државниот долг на крајот на 2025 година, според проекциите на Владата, ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на ниво од 62,1 процент.