Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Њујорк се сретна со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак.На состанокот е разговарано за актуелни политички прашања во Северна Македонија и регионот и нивните импликации во поширок безбедносен контекст.
На средбата е заеднички оценето дека секое поинакво дејствување на политичките субјекти во Република Северна Македонија надвор од европската агенда, ја загрозува европската определба на државата. Со тоа, го доведува во прашање квалитетот на живот на македонските граѓани и ја става земјата во извесна изолација на долг рок, со што задира и во пошироките стратешки цели за одржување на регионалната и европската стабилност, посебно во актуелниот геополитички контекст. Лајчак и Ковачевски констатираа дека неуспехот на Северна Македонија ќе биде и неуспех на Европската Унија.