„Стратешка цел на државата е полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ“, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
„Гласањето не е само за нашиот устав, туку за европската иднина на нашата земја. Оваа одлука што сега треба да ја донесеме е за да не го одложиме понатамошниот процес. Вето за нашето членство отсекогаш доаѓало однадвор, сега се заканува да дојде од внатре за прв пат“, вели Ковачевски.
„Кога ја добивме нашата независност по крајот на Југославија, нашата економија беше многу посилна од онаа на Бугарија, Чешка, Словачка или Полска. Во тоа време беше незамисливо луѓето од Македонија да одат во некоја од овие земји да работат таму. Денес токму тоа се случува. Економиите на овие земји не само што зајакнаа поради нивните перформанси. Напротив, тоа се случи затоа што овие земји станаа членки на Европската Унија, со заеднички пазар од речиси половина милијарда луѓе. Затоа членството е стратешка цел за Северна Македонија. Сакаме да живееме во земја на ЕУ“, рече премиерот за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.