Префрлени се парични средства за исплата на августовската плата за вработените на „Флораком“ и „Луна“, фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, изјави за МИА претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски.
Според неговите зборови, овој потег следуваше по еднонеделните демонстрации на вработените во „Флораком“ и „Луна“. Денес, тие организираа краток протест од 8:30 до 9:30 часот, пред влезот на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, без да ги блокираат улиците.
Кашиковски повика раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ да иницира итни мерки за обезбедување на средства за исплата на септемвриската плата, за да се избегне ситуацијата вработените од ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ повторно да бидат принудени да го бараат своето основно човеково и работничко право на плата преку протести и блокади на булеварите и крстосниците во Град Скопје.
„Да не бидат принудени повторно вработените од ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ нивното основното човеково право и основно работничко право на плата да го бараат преку протести и блокади на булеварите и крстониците во Град Скопје.“- изјави Кашиковски.
Тој исто така ја изрази својата благодарност до ЈП Водовод и Канализација за трансферот на средства кон ЈП Паркови и зеленило, од кои беа финансирани платите на вработените во „Флораком“ и „Луна“.