Казнените мерки што Европската унија ги наметна за Косово се очекува да бидат укинати до септември, бидејќи раководството на Европската унија замина на одмор. До крајот на август ќе се разгледуваат само итни прашања, а Косово, според упатените, не се смета за такво, пишува Коха.
Раководството на Европската унија замина на едномесечна пауза, без одговор на прашањето за укинување на санкциите кон Косово, кои Брисел и ги воведе на Приштина на крајот на јуни, бидејќи не ги прифати предлозите на Унијата за деескалација на ситуацијата на северот.
Иако Косово презеде чекори за деескалација на северот, по договорот меѓу главниот преговарач на Приштина Бесник Бисљими и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, Унијата не објави дали санкциите ќе бидат укинати.
Директорот на Институтот ЕПИК, Демуш Шаша, е убеден дека институциите на ЕУ нема да се занимаваат со прашањето за Косово за време на летниот распуст.
„По правило, од 1 август до 1 септември, институциите на ЕУ максимално го намалуваат нивото на работа, се занимаваат само со итни прашања, а санкциите против Косово не спаѓаат во оваа категорија, не се сметаат за итни бидејќи не даваат непоправливи ефекти“, рече Шаша.
Портпаролот на ЕУ Петер Стано неделава изјави дека шефот за надворешна и безбедносна политика Џузепе Борељ го започнал својот одмор и дека нема да има активности до крајот на август.
Во Брисел не одговорија дали во овој период може да се преиспитаат мерките против Косово, а од косовската Влада најавија дека мерките треба да се укинат сега, бидејќи се завршени првите чекори за деескалација.
Вицепремиерот Бесник Бисљими, по средбата со Мирослав Лајчак во средата во Брисел, изрази изненадување што санкциите не се укинати.
Но, Саша смета дека мерките ќе останат во сила додека ЕУ не утврди дека Косово презело неповратни чекори за исполнување на трите утврдени барања, бидејќи смета дека нема да биде доволен само почетокот на спроведувањето на овие чекори.
ЕУ воведе политички и економски мерки за Косово, откако владата одби веднаш да ги отстрани градоначалниците на северните општини од нивните канцеларии и полицијата од и околу општинските згради.
Санкциите на ЕУ против Косово вклучуваат привремено суспендирање на работата на заедничките комисии на ЕУ и Косово, формирани врз основа на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, неиспраќање покани до косовските претставници за средби на високо ниво, суспензија на билатералните посети, освен оние кои имаат за цел решавање на кризата на северот на Косово во рамките на дијалогот што го води ЕУ. Дел од санкциите е и суспензијата на програмата ИПА 2024 за Косово и проектите во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан.