Италијанските медиуми пренесоа новост, цитирајќи го „Гардијан“, дека Иванка Трамп и Џаред Кушнер, ќерката и зет на американскиот претседател Доналд Трамп, го откупиле островот Сазан во Албанија за сума од над милијарда долари, извести euronews.al. Двојката претходниот месец ја посети Албанија и помина неколку дена одмор на албанското крајбрежје.
“Овој остров, познат по својата природна убавина, поранешна воена база, го привлече вниманието на двојката, која планира да го трансформира во луксузно одморалиште.”
Островот претставува дел од Националниот морски парк Карабурун – Сазан и е достапен за посетители од 2015 година, додека одреден дел од него сеуште е под заштита како воена зона. За време на комунистичката власт, островот бил користен за воени вежби и операции, и сѐ уште е преполн со остатоци од бункери и тунели, потенцираат медиумите.
Тие додаваат дека разговорите за купување на островот се воделе без знаење на албанските граѓани и пратеници, сѐ до моментот кога договорот вреден 1,4 милијарди евра бил постигнат и објавен. Според извештаите, најголемата пречка за реализација на проектот е отстранувањето на неексплодираните мини и воениот отпад што се наоѓаат на островот.
“Идеите за трансформирање на островот во луксузно одморалиште предизвикаа загриженост кај еколошките и научните групи поради влијанието што овој проект би можел да го има врз природната и културната средина на областа.” Албанците веќе почнаа да го нарекуваат островот „Остров Трамп“, име што го рефлектира влијанието на семејството Трамп во развојот на овој огромен проект, нагласуваат медиумите.
Во едно интервју, претседателот Трамп изразил одушевување за оваа иницијатива, нарекувајќи ја “извонредна”, но нагласувајќи дека најголемиот предизвик останува расчистувањето на теренот и обезбедувањето сигурност за идните посетители. Освен Сазан, групацијата „Афинити“, која ги предводеше преговорите, планирала проект и во Србија. вт/.
Извор: МИА