Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, објави дека денес се реализирани исплати во вредност од над 407 милиони денари кон приближно 8 000 земјоделци.
На прес-конференција, тој појасни дека се префрлени над 259 милиони денари на 4 143 производители на градинарски култури, предадени во преработувачките погони.
Финансиската помош изнесува три денари за килограм за сите градинарски култури, со исклучок на пиперката „куртовска капија“, за која директните плаќања се пет денари за килограм. Се работи за продукција предадена во периодот од мај до јуни, односно од ноември до декември 2024 година.
“Оваа мерка е клучна за поддршка на нашите градинари кои се посветени на квалитетно производство наменето за преработка”, рече Трипуновски.
Министерот извести дека денес се исплатени и над 147 милиони денари на 3 686 земјоделци за произведено и предадено кравјо, козјо и овчо млеко. “Поддршката е шест денари за литар кравјо и седум денари за литар овчо и козјо млеко. Исплатите се однесуваат за периодот јануари, февруари и март 2025 година.”
“Од почеткот на мојот мандат во Министерството се исплатени над 11 милијарди денари што е доволен доказ за нашата посветеност кон земјоделството.”
“Нашата заложба за зголемена конкурентност на домашното производство продолжува. Покажавме дека ги градиме темелите на промените и дека го вреднуваме трудот на земјоделците”, нагласи Трипуновски.
Тој потврди дека помошта е најефикасна кога се реализира навремено. “Минатата една година со оваа континуирана исплата, според статистиката, порасна домашното производство, но и извозот.”
“Еден од примерите е пченицата. Жетвата заврши и согласно нашата евиденција, ожнеани се над 280 000 тони што е враќање на нормалното ниво, колку што се домашните потреби.”
“Ова е доказ дека земјоделците гледаат партнер во Владата”, истакна министерот Трипуновски.
мч/вј/фото: МИА
Извор: МИА