Зачините не се расипуваат како свежата храна, но со текот на времето ја губат аромата, бојата и јачината. Со неколку едноставни проверки можете да дознаете дали сè уште вредат.
Можеби во кујнскиот шкаф имате тегличка мелен коријандер или ким што стои со години. Иако на прв поглед изгледа непроменето, можно е речиси целосно да ја изгубило аромата. Мелените зачини најдобри се во период од шест до 12 месеци, додека целите зачини можат да ја задржат аромата и до четири години.
За подолго да останат свежи, зачините треба да се чуваат во херметички затворени садови, подалеку од топлина, светлина и влага. Не ги оставајте во шкафчето над шпоретот или на работната површина покрај него. Исто така, избегнувајте да ги истурате директно над тенџере од кое излегува пареа, бидејќи влагата може да предизвика згрутчување, па дури и појава на мувла.
Добар трик е да купувате цели зачини и да ги мелете непосредно пред употреба. Целиот црн пипер, кимот, коријандерот, циметот во кора и морското оревче подолго ја задржуваат аромата бидејќи имаат помала површина изложена на воздух. Иако можеби ви делува логично да ги чувате зачините во фрижидер или замрзнувач, тоа не се препорачува поради кондензацијата што се создава при нивното вадење.
Поврзани објави
А како да знаете дека е време за ново пакување?
Помирисајте го зачинот – ако аромата е многу слаба или целосно исчезнала, веројатно го изгубил и вкусот. Избледената боја исто така може да биде знак, иако не е секогаш сигурен показател. Наместо да се водите само според датумот на пакувањето, најдобро е да ги проверите мирисот и изгледот.
pexels – kujna