Петар Грашо оваа година одбележува 30 години кариера, а поради бројните концерти голем дел од времето го поминува на пат.
Во разговор за „Ин магазин“ откри дека најтешко му паѓа одвоеноста од семејството, поради што е подготвен да помине стотици километри само за да помине што повеќе време со сопругата и децата.
„Се помирив со тоа, како и моето семејство, дека постојано сум на пат. Но, ќе ви дадам конкретен пример. Вчера возев од Белград до Сплит без пауза, само за да ги видам ден и пол. Тоа ми стана нормално. Порано ми беше тешко, но едноставно, така е. Потребата да ги видиш тие мали суштества е посилна од сè, посилна од сите километри“, раскажа Грашо.
Грашо со сопругата Хана Хуљиќ Грашо има две деца, ќерката Алба и синот Тони. Тој откри и кои вредности сака да им ги пренесе во текот на нивното растење.
„Пред сè, сакам да бидат добри и лојални луѓе, да не ги оценуваат другите според тоа што го носат. Јас сум тука за да им помогнам. Нема да им го напишам животното сценарио, туку ќе им помогнам сами да го напишат“, рече тој.
Тој зборуваше и за бракот со Хана и откри како функционираат, со оглед на тоа што и двајцата се занимаваат со музика. Вели дека си пружаат поддршка и дека работата никогаш не им претставувала проблем во врската.
„Навистина живееме како и сите други, иако нашиот живот е сè освен обичен. Музиката никогаш не ни била пречка, функционираме беспрекорно. Имаме некој вид душевен блутут, во синергија сме и се разбираме без зборови“, опиша Грашо.
Тој имаше и совет за паровите кои поради секојдневните обврски понекогаш забораваат да одвојат време само за себе.
„Луѓето кои се во брак или во врска треба да пронајдат момент во текот на денот или неделата кога повторно ќе можат да бидат оние старите ‘тие’“, порача тој.