Почетна Убавина и здравјеИлјадници студенти им оддадоа почит на загинатите во катастрофалниот пожар со 7-минутен молк

Илјадници студенти им оддадоа почит на загинатите во катастрофалниот пожар со 7-минутен молк

од nenad
1 минути читај за

Присутните ја изразија својата почит за настраданите со седум минутен молк, цвеќиња, донации и палење свеќи

Илјадници студенти се собраа на платото пред УКИМ во Скопје за да им оддадат почит на загинатите во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Присутните ја изразија својата почит за настраданите со седум минутен молк, цвеќиња, донации и палење свеќи.

Се обратија и ректорката Билјана Ангелова и министерката за образование Весна Јаневска.

„Овде сме сите заедно за да им помогнеме на живите да ја преболат тагата. Ќе цитирам стихови од Ацо Шопов: ‘Ако имаш нешто неискажано, нешто што те притиска и пече, кажи го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече’“, кажа министерката, но беше прекината од извикувања дека доаѓа брза помош откако на неколкумина студенти им се слоши.


Поврзани објави

Во еден момент насобраната толпа почна гласно да го искажува своето негодување, по што претставник на студентите се обиде да ги смири присутните од говорница:

„Ве молам за тишина, ова е мирен собир. Треба да искажеме почит во мир и тишина. Собирот е за да искажеме почит за жртвите, а не за да се протестира. Ве молам да искажеме почит во мир и тишина. И ако треба да помогнеме, да помогнеме сите. И како студенти да покажеме сплотеност во вакви моменти“.

Пред Правниот факултет отворена е книга на жалост, а во поставените кутии може да се донираат пари за Црвен крст.

Најголем дел од 59-те загинати се млади, средношколци и студенти. Истовремено, собири се одржуваат во повеќе македонски градови, а најавено е дека собирите ќе продолжат и наредните денови.