Палестински цивили покрај уништени куќи и згради во бегалскиот камп Ал Магази – Фотографија ЕПА, Мохамед Сабер
Дали сакате да се вратите дома? Јавете се на овој телефон ако препознаете кого било од нив – пишувало на летоците на арапски јазик под фотографиите на заложниците
Израелски авиони и денеска фрлаа бомби врз Газа, но близу Рафах фрлија и летоци, со барање од Палестинците да им помогнат да ги лоцираат израелските заложници на Хамас.
Локални извори јавија дека израелски тенкови и копнени трупи продреле подлабоко во предградијата на Џабалија во северниот дел на Газа. Израелската војска објави дека цел на нападите биле партизански одреди што настојуваат да им постават заседи на тенковите и пешадијата.Во Хан Јунис, во јужниот дел на Газа, израелски тенкови гаѓале цели близу болницата „Насер“, последната функционална болница во регионот.
Министерството за здравство на Газа денеска објави дека во изминатите 24 часа во израелски напади загинале 165 луѓе и 280 биле ранети – најмногу во еден ден во 2024 година. Вкупниот биланс на жртви во Газа откако Израел ја почна војната за уништување на Хамас се искачи на 24.927 загинати.
Израелските одбранбени сили, пак, тврдат дека досега убиле околу 9.000 милитанти на Хамас. Премиерот Бенјамин Нетанјаху објави дека војната нема да запре додека Хамас не биде уништен и додека не бидат ослободени неговите заложници.
Токму заради извлекување на заложниците, израелски авиони денеска близу Рафах фрлале летоци на кои биле фотографии и имиња на 33 Израелци грабнати од Хамас.
– Дали сакате да се вратите дома? Јавете се на овој телефон ако препознаете кого било од нив – пишувало на летоците на арапски јазик под фотографиите на заложниците.
Од преку 250 заложници што Хамас ги грабна при офанзивата на 7 октомври, 100 беа разменети за ослободување палестински затвореници, уште 27 беа убиени во заложништво, а се смета дека уште 132 се на разни локации во Газа.