Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) искажуваат длабока загриженост поради начинот на дејствување на полициските службеници кон новинари од пелагонискиот регион.
Според соопштението од ЗНМ и ССНМ, случајот за кој организациите веќе испратиле официјален допис до Министерството за внатрешни работи, се однесува на известувањето за разрешувањето на директорка на училиште во Демир Хисар, кога полициски службеници им пришле на новинарите додека тие известувале за настан од висок јавен интерес, барајќи идентификација, иако било евидентно дека се работи за медиумски професионалци со професионална опрема. Настанот се случил на јавна површина – двор на училиште.
“Сметаме дека вакви ситуации може да се протолкуваат како обид за вршење притисок врз новинарите, што е недозволиво мешање во нивната работа и нарушување на медиумските слободи,” се наведува во соопштението од ЗНМ и ССНМ.
Во дописот до МВР тие побарале итна и темелна проверка на околностите, утврдување на законската основа за ваквиот вид на дејствување и одговорност доколку се потврди дека полициските службеници ги надминале своите овластувања.
“Очекуваме МВР и Секторот за внатрешна контрола во најкус можен рок да информира за утврдените околности и доколку се потврди прекршување на овластувањата, да преземе соодветни мерки против одговорните службеници,” посочуваат од ЗНМ и од ССНМ.
ев/ФОТО: ЗНМ и ССНМ