Table of Contents
Ако некогаш сте биле настинати, веројатно сте забележале дека прво ви се затнува едната ноздра, а потоа другата. Ова не е случајност, туку природен процес што се случува и кога сте целосно здрави.
Кога сме настинати или имаме алергија, често се случува затнатоста на носот да се преместува од едната на другата страна. Штом едната ноздра почне полесно да пропушта воздух, другата може да се затне. Лекарите објаснуваат дека оваа појава се нарекува носен циклус и претставува нормална функција на организмот.
Што претставува носниот циклус?
Во носната празнина се наоѓаат структури наречени носни школки. Тие се прекриени со меко ткиво и слузница, а нивната задача е да го загреваат и навлажнуваат воздухот што го вдишуваме, да задржуваат честички и да го регулираат протокот на воздух.
Овие структури природно отекуваат и се намалуваат наизменично во двете ноздри. Така едната страна привремено пропушта помалку воздух, додека другата е попроодна.
Носниот циклус е автоматски процес при кој наизменично се затнува и се ослободува едната страна од носот на секои неколку часа“, објаснува оториноларингологот д-р Сандра Хо за магазинот Prevention.
Според д-р Дејвид Кори, професор по имунологија, алергологија и ревматологија на Медицинскиот факултет „Бејлор“, овој процес е несвесен рефлекс што го контролира автономниот нервен систем. Циклусот обично трае од два до четири часа, иако времетраењето може да варира.
Зошто имаме чувство дека затнатоста се преместува?
Кога сме здрави, најчесто не го забележуваме носниот циклус. Но, при настинка или алергија, слузницата и носните школки дополнително отекуваат, па нормалната промена станува многу поизразена.
Поврзани објави
Проблемот може да биде поголем и кај луѓето што имаат искривена носна преграда, воспаление на синусите или носни полипи. Во такви случаи, и природното отекување на ткивото може дополнително да го отежне дишењето низ носот.
Како да ја ублажите затнатоста?
Ако затнатоста е поврзана со алергија, особено ако имате чешање и течење на носот, антихистаминиците може да помогнат. Испирањето на носот со солен раствор може да ги отстрани слузта и надразнувачките честички. Во зимските месеци, сувиот воздух може дополнително да ја иритира слузницата, па одржувањето соодветна влажност во просторијата може да донесе олеснување.
При настинка, деконгестивите можат привремено да го намалат отокот во носот. Сепак, спрејовите за отпушување на носот не треба да се користат подолго од препорачаното во упатството, бидејќи прекумерната употреба може да ја влоши затнатоста.
Кога треба да посетите лекар?
Ако затнатоста се менува од едната на другата ноздра само за време на настинка, најчесто станува збор за нормална појава што ќе се намали со закрепнувањето. Но, ако проблемот е постојан, се јавува и кога не сте болни или го нарушува сонот, дишењето и секојдневното функционирање, добро е да се консултирате со лекар.
Носниот циклус е природен процес што му помага на носот да ја извршува својата функција. Непријатноста најчесто станува забележлива кога настинка, алергија или друга состојба дополнително го стеснува протокот на воздух.
pexels