По залагање и официјалното барање на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, Општина Пустец го прифати барањето официјалната веб-страница на Општината, покрај на албански, да биде достапна и на македонски јазик.
Ова претставува значаен чекор за унапредување на јазичните права на македонското национално малцинство во Република Албанија и овозможување на граѓаните да добиваат информации од локалната самоуправа на својот мајчин јазик.
Прифаќањето на барањето доаѓа по институционалната иницијатива на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, кое се обрати до градоначалникот, претседателот и членовите на Општинскиот совет, а поднесе и жалба до Комесарот за заштита од дискриминација и Народниот правобранител на Република Албанија.
Македонското друштво “Илинден“-Тирана изразува посебна благодарност до Комесарот за заштита од дискриминација на Република Албанија за институционалното постапување и поддршката во разгледувањето на прашањето за обезбедување на пристап до официјалните информации на македонски јазик. Благодарност упатуваме и до Општина Пустец за прифаќањето на барањето и преземањето чекори за овозможување на македонска јазична верзија на веб-страницата.
Овој резултат е потврда дека истрајното институционално залагање за почитување на правата на Македонците во Албанија може да донесе конкретни промени.
Македонскиот јазик на официјалната веб-страница ќе придонесе за подобро информирање на граѓаните, полесен пристап до јавните информации и унапредување на комуникацијата со локалните институции.
Македонското друштво “Илинден“-Тирана очекува преземената обврска целосно да се реализира во практиката и продолжува со својата активност за заштита и унапредување на националниот, јазичниот и културниот идентитет на Македонците во Република Албанија.
Официјална веб-страница на Општина Пустец: https://bashkiapustec.gov.al/mk/
Post Views: 54
Извор : vesnik-ilinden.com