Ширењето лажни информации со кои се доведува во прашање стабилноста на банкарскиот и финансискиот систем би можело да стане ново кривично дело, за кое ќе се предвидат и затворски санкции. Ова е дел од новите предложени измени на Кривичниот законик, кои веќе се доставени до Европската комисија.
Според најавата на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, со законските измени ќе се утврди кривична одговорност за лица кои, користејќи ја својата службена или општествена позиција и авторитет, пласираат невистинити информации преку изјави или документи, со намера или последица да ја загрозат стабилноста на банкарскиот систем.
Предлог-законското решение, како што најави Бојковска, се очекува уште утре да биде објавено на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР). Со тоа ќе започне постапка во која јавноста ќе може да го разгледа текстот и да достави мислења, забелешки и предлози.
Во врска со предложените измени реагираше и Каја Шукова, која посочи дека во пакетот има забелешки и за измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, особено во делот што се однесува на злоупотребата на службената положба. Според неа, со тогашните решенија не било соодветно одговорено на измените на Законот од 2023 година.
Објавувањето на предлогот на ЕНЕР треба да овозможи транспарентна јавна расправа пред законското решение да продолжи во собраниска процедура.
Измените се подготвуваат во период кога Европската комисија укажува на повеќе слабости во македонскиот правосуден систем. Меѓу забелешките се наведуваат влијанието на владини институции врз работата на судовите, како и потребата од поефикасна борба против корупцијата.