Почетна ЕкономијаЗапочна петтото јубилејно издание на изборот за најдобрите онлајн продавници во земјава за 2025 година – E-commerce Awards

Започна петтото јубилејно издание на изборот за најдобрите онлајн продавници во земјава за 2025 година – E-commerce Awards

од nenad
3 минути читај за

Започна петтото јубилејно издание на изборот за најдобрите онлајн продавници во земјава за 2025 година – E-commerce Awards.

Оваа иницијатива, која од 2020 година се организира од страна на Асоцијацијата за е-трговија, континуирано ги препознава и наградува извонредноста во македонската е-трговија. Годинава одбележува значаен јубилеј, потврдувајќи ја својата улога како релевантен показател за квалитет, доверба и развој на овој динамичен сектор.

Изборот „E-commerce Awards” претставува значајна манифестација за македонската е-трговија, бидејќи ги истакнува и наградува најдобрите практики, иновации и постигнувања во индустријата.

Основната цел на иницијативата е да го поттикне натпреварувачкиот дух, да ги промовира квалитетните решенија и да придонесе кон континуиран раст и унапредување на е-трговијата во земјата.

Процесот на избор се спроведува според темелна методологија, која комбинира гласање од страна на јавноста и оценување од страна на стручна жири-комисија.

Изборот за најдобрите во македонската е-трговија претставува признание за посветеноста, иновациите и врвната услуга на е-трговците. Воедно, оваа платформа ги мотивира да продолжат со усовршување на своите услуги.

Во рамките на изданието за 2025 година, најдобрите е-трговци ќе бидат избирани во 18 различни категории.

Во изминатите изданија, во просек биле номинирани околу 200 е-трговци, кои добивале над 80,000 гласови од публиката. Ова говори за високиот интерес и довербата во оваа важна иницијатива, информираат од Асоцијацијата за е-трговија.

Номинациите за учество се сосема бесплатни и се вршат преку официјалната веб-страница за избор на најдобрите во македонската е-трговија, најдоцна до 15 јануари 2026 година, до крајот на денот. Линк за пријавување: https://ecommerceawards.mk/formular-za-prijava/. По завршувањето на рокот за пријавување, АЕТМ ќе ги провери сите номинации и на 22 јануари 2026 година ќе ја објави официјалната листа на прифатени учесници.

Потоа следува фазата на јавно гласање, која ќе трае до 10 февруари 2026 година. Во овој период, публиката игра клучна улога во изборот на финалистите.

На 10 февруари, најдобро рангираните номинации во секоја категорија продолжуваат во финалниот круг. Таму, тие ќе бидат оценувани од страна на стручната жири-комисија.

Во периодот од 16 до 24 февруари 2026 година се врши финалната обработка на резултатите. Во овој процес, гласовите од јавноста учествуваат со 60 проценти, додека оценките од жирито придонесуваат со 40 проценти во крајниот резултат.

Победниците на E-commerce Awards 2025 ќе бидат официјално прогласени на свечена гала манифестација, која традиционално ќе се одржи во март 2026 година.

На церемонијата, најуспешните е-трговци ќе добијат престижни статуетки. Тие претставуваат признание за нивната извонредност и дополнително ја зајакнуваат довербата кај онлајн купувачите.

– Бенефитите за номинираните учесници вклучуваат зголемена видливост пред повеќе од 5,000 активни гласачи и широка јавност. Исто така, обезбедуваат видливост пред потенцијални купувачи и професионалци од индустријата, како и опсежна промоција преку комуникациските канали на Асоцијацијата за е-трговија, со проценет досег од над 500,000 луѓе.

Номинацијата овозможува и позиционирање во заедницата на успешни е-трговци, можности за вмрежување и препознавање во индустријата, особено за време на свечената гала церемонија. Дополнително, се зајакнува довербата кај потрошувачите преку официјалните дигитални беџови што ги добиваат финалистите и победниците, посочуваат од Асоцијацијата.

Инаку, минатогодишното издание на Наградите за е-трговија 2024 заврши со доделување на 43 награди во 23 категории. На истиот настап имаше над 200 номинирани е-трговци, каде што гласовите на потрошувачите имаа клучна улога во изборот на победниците.

Категоријата „Најпопуларна е-продавница“ беше единствената во која победникот беше избран исклучиво врз основа на гласовите од јавноста. Ова ја истакна улогата на потрошувачите како клучен фактор во изборот на најдобрите.

ев/паг/Фото: Асоцијација за е-трговија
Извор: МИА