Жичницата до Средно Водно останува затворена на неопределено време откако при техничките проверки биле констатирани повеќе недостатоци во системот за работа и безбедност.
Од надлежните институции информираат дека контролите покажале потреба од сериозен сервис и замена на дел од компонентите, поради што е донесена одлука системот да не се пушта во употреба додека не се завршат сите неопходни интервенции.
Според информациите, проблемите се поврзани со дотраеност на дел од опремата и потреба од дополнителни проверки на безбедносните механизми. Во тек е комуникација со компанијата што ја одржува и сервисира жичницата, од каде треба да пристигне понуда за целосна санација.
Иако првично се очекуваше прекинот да биде краткотраен, последните анализи покажале дека поправките ќе траат подолго, па жичницата најверојатно нема да биде во функција во текот на летниот период.
Од Град Скопје посочуваат дека безбедноста на патниците е приоритет и дека жичницата ќе биде повторно пуштена во употреба дури по целосно завршување на сервисот и дополнителните тестирања.