Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и првиот човек на Општина Свети Николе, Дејан Владев, денес свечено ја отворија канцеларијата за електронски услуги во општинската зграда.
Андоновски изјави дека канцеларијата е подготвена за кратко време и во неа ќе работат тројца службеници, со цел граѓаните да добијат експедитивна и навремена услуга. “Сите услуги коишто се достапни на порталот за е-услуги ќе бидат достапни и во оваа канцеларија.”
Тој нагласи дека сите жители кои немаат пристап до интернет, немаат соодветна опрема во своите домови, или не знаат или не сакаат самостојно да ги користат услугите на порталот, можат да се обратат во канцеларијата за е-услуги и на едноставен и ефикасен начин да го добијат потребниот документ.
Андоновски истакна дека во моментот се актуелни две услуги, од кои едната е за добивање дозволи за оружје. “Услуга којашто ловците ја препознаа, а токму во Општина Свети Николе има и голем број на ловци и втората е ИКТ ваучерите за млади, студенти.” Тој додаде дека во овие канцеларии се доставуваат барањата, а исто така, креирањето на профил е достапно во канцеларијата за е-услуги во Свети Николе.
“Во втора фаза очекувам овие центри да служат во помагање, градење на вештини на граѓаните, како да се снајдат, да стасат до потребната услуга. Така што се надевам дека во целост ќе го исполни целиот потенцијал овој центар за услуги. Продолжуваме понатаму, ветивме десет нови центри за е услуги во 2025 година, мислам дека таа бројка ќе успееме да ја стасаме. Во најава ни се уште три до крајот на летото”, рече Андоновски.
Градоначалникот Владев истакна дека жителите сега нема да губат време по институциите, туку во оваа канцеларија ќе можат да ги подигнат документите кои се во рамките на електронските услуги. “Можат да си дојдат тука и да извадат документи од типот на документи М1, М2 од Агенција за вработување, државјанство, листа за стаж и многу други услуги што ги нудат државните органи во Република Македонија. Така што со ова отварање на оваа канцеларија им се олеснува работата на сите граѓани на Општина Свети Николе”, изјави Владев.
Тој прецизираше дека канцеларијата за е-услуги во Општина Свети Николе ќе работи секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот.