Европската Унија постигна политички договор за укинување на дел од увозните давачки за американски стоки, во обид да се избегне нов трговски судир со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Потегот доаѓа по неколкумесечни тензии и закани за дополнително зголемување на американските царини за европските производи.
Договорот, кој е дел од рамката усогласена минатото лето меѓу Брисел и Вашингтон, предвидува олеснет пристап за американски индустриски, земјоделски и морски производи на европскиот пазар. За возврат, САД ќе продолжат да применуваат царини од 15 проценти за најголемиот дел од увозот од ЕУ.
По долги преговори, претставниците на Европски парламент и земјите членки успеале да се договорат и за механизми за заштита во случај Вашингтон да се повлече од обврските. Во текстот е вклучена и клаузула според која договорот ќе престане да важи кон крајот на 2029 година, доколку не биде продолжен.
Трговската размена меѓу САД и ЕУ се смета за една од најголемите во светот и надминува два билиони долари годишно. Брисел се надева дека новиот договор ќе донесе стабилност за компаниите и ќе спречи дополнителни економски потреси, особено за автомобилската индустрија и металниот сектор.
Од европска страна беше посочено дека договорот ќе помогне во зачувување на работните места и ќе ја намали неизвесноста за бизнисите. Европскиот комесар за трговија Марош Шефчович оцени дека договорот претставува важен чекор кон посилна трансатлантска соработка.
Во меѓувреме, Трамп повторно предупреди дека би можел да воведе повисоки царини за европските автомобили и други производи доколку ЕУ не ги исполни преземените обврски до почетокот на јули.
Европските институции веќе неколкупати го одложуваа процесот поради стравувања од нови трговски мерки од Вашингтон. Сепак, конечната одлука за одобрување на договорот се очекува во Европскиот парламент во текот на јуни.