Европската агенција за сајбер-сигурност (ENISA) денес формално соопшти дека нарушувањата во функционирањето на повеќе европски аеродроми, предизвикани од проблемите со системот за електронска проверка на багажот и регистрирање на патници, се последица на сајбер-напад, објавија британските медиуми.
„Органите за спроведување на законот спроведуваат истрага“, се наведува во изјавата на ENISA.
Во меѓувреме, беше соопштено дека сè уште постојат пречки за нормализирање на работењето на аеродромот во германскиот главен град, Берлин.
Поради тоа, летовите со кои учесниците на вчерашниот Берлински маратон планирале да се вратат во своите држави, беа одложени за повеќе од еден час.
Хакерите ја нападнаа американската фирма „Collins Aerospace“, која делува во доменот на воздухопловните технологии.
Компанијата објави дека била цел на „кибернапад“ на нивниот софтвер што се користи на голем број аеродроми.
„Collins Aerospace“ денес изјави дека соработува со погодените аеродроми и нивните соодветни агенции и дека е во завршна фаза на реставрација на нивната мрежа и воспоставување на целосна функционалност.
сд/фото:ДПА .
Извор: МИА