Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, објави дека тој и претседателот на САД, Доналд Трамп, дошле до “заедничко разбирање” за начинот на кој може да се воспостави прекин на огнот во Газа и да се обезбеди долготраен мир во палестинските области.
“Објаснивме како најпрво да се постигне прекин на огнот во Газа, а потоа траен мир. Постои заедничко разбирање за ова,” изјави Ердоган по средбата со Трамп во Белата куќа.
Тој подвлече дека решението со две држави останува единствената опција за траен мир на Блискиот Исток, предупредувајќи дека сегашната состојба е невозможна за одржување.
“Господинот Трамп е свесен дека работите не можат да продолжат вака,” додаде Ердоган, како што пренесе Анадолија.
Турскиот претседател спомена дека разговарале и за хуманитарната ситуација во Газа и за состојбата во Сирија, нагласувајќи дека терористичките организации не припаѓаат во иднината на таа држава.
Ердоган ги окарактеризира разговорите со Трамп како “искрени, конструктивни и продуктивни” и го пофали гостопримството во Белата куќа.
Тој, исто така, ја потенцираше желбата на Турција и САД да ја зголемат трговската размена на 100 милијарди долари.
Во врска со Медитеранот, Ердоган изјави дека Турција ќе го земе својот “праведен дел од ресурсите” и ќе соработува со соседните држави на принципот “win-win”.
Во однос на Кипар, тој повтори дека “прашањето за федерација е затворено.”
фото: архива.
Извор: МИА