Во следните неколку дена, односно до крајот на месецов се очекува во Грција да биде објавен тендерот за избор на изведувач за изградба на интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција, пишува грчкиот портал „Енерџи прес“, јави дописничката на МИА од Атина.
Според информациите на порталот специјализиран за енергетски теми, грчкиот национален оператор за пренос на гас (ДЕСФА) е подготвен за почеток на конкретната процедура за избор на изведувач што ќе ја преземе изградбата на гасоводот и набавката на секундарни материјали.
-Намерата на Операторот е процесот со потенцијалниот изведувач да заврши наесен за да може да се донесе конечната инвестициска одлука, секако пред крајот на годината, па дури и пред декември. Дополнително, според истите информации, почетокот на работата на гасоводот се очекува да биде кон средината на следната година, пишува „Енерџи прес“.Порталот посочува дека грчкиот оператор ДЕСФА го презеде и управувањето со проектот за делот од гасоводот што ќе минува низ Северна Македонија, откако беше избран на тендерот објавен од државната компанија „Номагас“.
-Доминацијата на ДЕСФА над останатите кандидати на тендерот, практично значи дека Операторот на грчкиот систем ќе има надзор над изградбата на целата инфраструктура, бидејќи е одговорен и за развојот на делот на домашен терен, пишува порталот.Интерконекторот за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција предвидено е да биде во должина од 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас, а планирано е да биде завршен до средината на 2025 година.