Почетна ЕкономијаЕК: Бугарија подготвена за еврозоната од 1 јануари

ЕК: Бугарија подготвена за еврозоната од 1 јануари

од nenad
1 минути читај за

Европската комисија денеска објави дека Бугарија ги исполнува критериумите за приклучување кон еврозоната од 1 јануари следната година, при презентацијата на специјалниот извештај за подготвеноста на државата за воведување на единствената европска валута.

ЕК му предлага на Советот на ЕУ да го санкционира влезот на Бугарија во еврозоната од почетокот на 2026 година.

Комисијата потсетува дека сите земји членки на ЕУ стануваат дел од еврозоната веднаш штом ќе ги исполнат условите, освен Данска, која пред приклучувањето побара исклучок од обврската за воведување на еврото.

Според проценката, бугарската економија е соодветно подготвена, а националното законодавство е во согласност со европското. Комисијата го нарекува ова „историски чекор“ за Бугарија, пренесува БТА.

„Еврото е симбол на европската сила и единство“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Благодарение на еврото, бугарската економија ќе зајакне, ќе се зголеми трговијата со земјите од еврозоната, ќе пораснат странските инвестиции, пристапот до финансирање, квалитетните работни места и реалните приходи. Бугарија ќе го добие заслуженото место во донесувањето одлуки во срцето на еврозоната”, порача таа.

По денешните извештаи на ЕК и Европската централна банка, започнува законодавен процес во ЕУ. Прво ќе се разговара на состанокот на земјите членки на еврозоната на 19–20 јуни, потоа ќе следува политичко одобрување од Европскиот совет на 26–27 јуни.

На 30 јуни, Европската комисија треба официјално да предложи усвојување на одлуката од Советот на ЕУ, кој ќе гласа на 8 јули. Истовремено, Европскиот парламент ќе гласа за своето мислење во Стразбур, засновано на претходно усогласен извештај.

Одлуката за влезот ќе се носи по три точки, при што за определување на курсот лев-евро ќе биде потребна едногласност, а за останатите делови ќе биде доволно квалификувано мнозинство.

ссм/фото: архива.