Почетна ТехнологијаЕден ден Иран, друг ден Пакистан, удираат врз белучките сепаратисти

Еден ден Иран, друг ден Пакистан, удираат врз белучките сепаратисти

од nenad
4 минути читај за

   

Цели на двата напада беа две групи на белучистанските сепаратисти, активни од двете страни на иранско-пакистанската граница, но жртвите се цивили. Иран објави дека при пакистанскиот одмазнички напад со неколку проектили загинале четири деца, двајца мажи и три жени во погранично село во провинцијата Систан-Белучистан. Сите девет жртви се етнички Белучи – номадски народ што населува региони од Иран, Пакистан и Авганистан.Пакистан тврди дека биле убиени терористи.

– Голем број терористи беа убиени во операцијата спроведена врз основа на разузнавачки податоци. Тоа беше низа високо координирани и прецизно насочени воени удари врз терористички засолништа – објави Министерството за надворешни работи на Пакистан.

Министерството додаде дека нападот не бил насочен врз Иран, туку врз групи одговорни за акции на пакистанска територија.

– Пакистан целосно ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Исламската Република Иран. Единствената цел на денешниот акт беше да се дејствува во одбрана на безбедноста и националните интереси на Пакистан, кои се врвни и за кои нема компромиси – соопшти Министерството.

Техеран остро ги осуди нападите, исто како што и Исламабад во вторникот ги осуди иранските напади врз пакистанска територија, во кои, според локални извори, загинале две деца и уште три биле ранети. Иран објави дека цел на нападот била терористичката група Џаиш ал Адл. Техеран ја поврзува оваа група со бомбашкиот напад во кој загинаа 84 Иранци, иако одговорноста ја презеде групата Исламска држава.

Прекуграничната престрелка, иако е фокусирана на локални групи прогласени за „терористички“, се толкува како проширување на војната на Блискиот Исток што почна на 7 октомври со нападот на Хамас врз Израел и продолжи со израелската брутална операција во Газа.Пекинг, Москва и Париз ги повикаа Иран и особено Пакистан, кој поседува нуклеарно оружје, да се воздржат од понатамошни акции и да не дозволат спирално ескалирање на конфликтот.

Иран и Пакистан често пати биле на работ на војна, но низ историјата вообичаено биле сојузници. Иран беше првата земја што го призна Пакистан кога на 14 август 1947 година (еден ден пред Индија) прогласи независност од Британска Индија. Двете земји беа сојузници во западниот блок за време на Студената војна и Иран го поддржуваше Пакистан во војните со Бангладеш и со Индија. Соработката продолжи и по Исламската револуција – Исламабад го поддржа Иран во војната со Ирак, а Техеран го поддржа муџахедините организирани од Пакистан при советската окупација на Авганистан.

Контролен пункт на пакистански трупи по бомбашки напад на белучистански сепаратисти – Фотографија ЕПА, Џамал Таракај

Во седумдесеттите години Иран активно го поддржа Пакистан во Белучистанската војна. Непосредно пред офанзивата на пакистанските сили против сепаратистите во регионот Белучистан, Техеран ги распушти регионалните власти на иранската провинција Систан-Белучистан, а на Пакистанците им даде борбени хеликоптери „хјуи кобра“ и финансиска поддршка од близу 200 милиони долари.

Иако сега меѓусебно се обвинуваат за повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет, и Иран и Пакистан повторно напаѓаат групи на етничките Белучи што се борат за независност на регионот. Непосредно пред престрелката, на Економскиот форум во Давос се сретнале министрите за надворешни работи Хосеин Амирабдолахијан и Анвар ул хак Какар.

– Не е сосема јасен мотивот на Техеран за нападот врз Пакистан, но проблематично е општото однесување на Иран, бидејќи претходно нападна и групи на териториите на Сирија и на Ирак. Пакистан, од друга страна, се охрабри да нападне цели на територијата на Иран, од што се воздржуваат дури и САД и Израел – изјави за Ројтерс Ашвандир Мир, експерт за Јужна Азија во Американскиот институт за мир.

Хваџа Асиф, кој до април беше министер за одбрана на Пакистан, изјави дека пакистанската акција била „реципрочна“.

– Важно е тоа што имаше одмерен одговор. И двете страни треба да направат напори за да не ескалира ситуацијата – изјави Асиф.

Белучкиот ослободителен фронт, кој беше целта на пакистанскиот напад од четвртокот, со децении води војна за независност на Белучистан, тврдејќи дека властите во Исламабад ги експлоатираат рудите и гасот, а не му враќаат ништо на регионот. Затоа главните цели на сепаратистите се гасоводите, рудниците и инфраструктурата, дури и оние што се во сопственост на кинески инвеститори, но ретко има напади подлабоко во Пакистан.

Белучистан е по површина најголемата, а по население најмалата провинција во Пакистан. Низ неа поминува Кинеско-пакистанскиот економски коридор, кој е дел од големата и скапа иницијатива „Појас и пат“ што ја пробива Пекинг за копнено поврзување на Пацификот со Медитеранот. Кина вложи милијарди долари за развој на инфраструктура во пакистанската делница, спроведува проекти за експлоатација на руда и изгради аеродром и пристаниште. Канадската компанија „Барик голд“ поседува 50 отсто од рудникот Реко Дик, кој е еден од најголемите недоволно експлоатирани локалитети за експлоатација на бакар и злато во светот.