Денес, Европскиот суд ќе пресуди дали Европската комисија постапила исправно кога одби да ги обелодени СМС пораките помеѓу претседателката Урсула фон дер Лајен и главниот извршен директор на производителот на вакцини „Фајзер“, Алберт Бурл.
Правниот процес го започна „Њујорк Тајмс“ и нивната новинарка Матина Стивис-Гриднеф, тврдејќи дека Комисијата ги повредила прописите за отвореност откако одби да ги достави пораките по поднесеното барање.
Според „Њујорк Тајмс“, директната комуникација помеѓу Фон дер Лајен и Бурл била од суштинско значење за постигнување на договор вреден милијарди евра за набавка на вакцини против Ковид-19 во најтешкиот период од пандемијата.
Во текот на пролетта 2021 година, Комисијата, во име на 27-те држави членки на ЕУ, склучи спогодба за дури 1,8 милијарди дози вакцини, со вредност до 35 милијарди евра.
Тужителите бараа пристап до сите пораки разменети помеѓу Фон дер Лајен и Бурл во периодот од 1 јануари 2021 до 11 мај 2022 година, но барањето беше одбиено со објаснување дека „такви документи не постојат“.
Пристапот на Комисијата кон договорите за набавка на вакцини наиде на критики, а во 2022 година Европскиот омбудсман остро ја критикуваше реакцијата на Комисијата на барањата за пристап до пораките.
Европското јавно обвинителство, исто така, спроведува истрага за начинот на кој се набавуваа вакцините против коронавирусот во ЕУ.
ссм/фото: архива. Извор: МИА