Поштенската компанија „ДХЛ“ ќе ги пренесе гласачките ливчиња за претстојните парламентарни избори во мај, до албанските иселеници во 85 држави ширум светот, процес кој ќе ја чини Албанија 10 милиони евра.
Распоредувањето на 245,808 коверти со гласачки ливчиња ќе се изврши според планот утврден од страна на Централната изборна комисија, додека вкупниот трошок се проценува на 10 милиони евра, односно 40 евра по гласачко ливче. “Почнувајќи од 5 април, ќе почнеме со подготовките за изборниот материјал за да може да почне дистрибуцијата на гласачките ливчиња по пошта на 10 април”, објави комисијата.
“Целиот процес на администрирање и пребројување на гласовите ќе се одвива во Олимпискиот парк во Тирана”, соопштија од комисијата.
На албанските државјани кои живеат во странство, а кои поднесоа барање и им е одобрено правото на глас, ковертот нема да им биде оставен во поштенско сандаче, туку доставувачот мора да го предаде лично на гласачот, а не на членови на неговото семејство. Ова ќе се реализира со презентација на документ за идентификација. Доколку поштарот не го пронајде гласачот на дадената адреса, ќе ја посети уште двапати, пред да го врати ковертот во Албанија.
Ваквиот начин на испорака предизвика загриженост кај политичките партии, кои тврдат дека тоа ќе се одрази на бројот на Албанци кои ќе го остварат своето право на глас на 11 мај. “Бројот на гласачи од дијаспората може да биде многу помал од оној регистриран во ЦИК”, предупредуваат партиите. Слична ситуација се случи и во Косово, каде од 105 илјади емигранти пријавени за гласање, само 84 илјади успеаја да гласаат на изборите на 14 февруари, објавија медиумите.
За претстојните парламентарни избори меѓу дијаспората, на која за првпат и се дава правото на глас, владееше голем интерес. За гласање се регистрираа над 294,000 лица, но апликациите на околу 50,000 беа одбиени поради разни недостатоци. Најголем број иселеници кои треба да гласаат има во Италија (90 илјади гласачи), потоа Грција (над 60 илјади), Германија (над 25 илјади), САД (околу 21 илјада) и Велика Британија (околу 18 илјади гласачи). Во 13 земји има само по еден гласач, како во Фиџи, Венецуела, Украина и други.
Што се однесува до изборните единици во Албанија, вкупно 12, гласовите на дијаспората ќе имаат најголема тежина во Тирана, потоа Фиер и Драч. Според ЦИК, изборниот материјал во моментов се печати во Словенија.