Почетна Убавина и здравје„Добриот диџеј се поврзува со публиката“ – Убавина и здравје

„Добриот диџеј се поврзува со публиката“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Убавините и предизвиците на работата како диџеј

Повеќето го познаваат како Мартин од Антена 5, но кога не е во радио, нашиот диџеј е зад пултот или во студио, каде што создава нова музика како дел од електронското трио BDM. Додека го очекуваме нивниот нов албум Synapsis, кој треба да излезе годинава, со Мартин Делимитов поразговаравме за убавините и предизвиците на неговата професија.

Како изгледаше твојот професионален развој како диџеј?

Како повеќето диџеи, така и јас почнав со пуштање музика на домашни забави и родендени кај блиски луѓе. Тоа траеше до 2006 година, кога почнав да работам во Антена 5. Таму ги запознав Ицко и Лефанк, кои ме зедоа под свое крило и ми помогнаа да се изградам во диџејот кој сум денес.

Што би бил кога не би бил диџеј?

Сигурно би се занимавал со некоја друга професија што се темели на креативност и јавен настап.

Секој барем еднаш посакал да биде диџеј. Навистина ли е сè толку добро колку што изгледа?

Секоја професија има свои негативни страни кои не се гледаат на прв поглед. Кај диџејството, тоа се работењето до доцна во ноќта, возењето рано наутро по настап во друг град, периодите кога нема свирки и настапи… Но ништо од ова не е толку страшно и немам причина да се жалам. Едноставно, сето тоа е дел од работата и ги прифаќам како такви, затоа што позитивните страни се далеку побројни од негативните.

Што е добар диџеј според тебе?

Секој има различна дефиниција за тоа што е добар диџеј, бидејќи секој има различен вкус. За мене, добар диџеј е оној што знае дека е тука за публиката, а не обратно. Тој треба да ја чувствува енергијата на луѓето и да препознае каква публика има пред себе.


Поврзани објави

Ти пречи ли некогаш тоа што луѓето автоматски му го додаваат епитетот „Антена 5“ на твоето име?

Воопшто не ми пречи, бидејќи шансите што ги добив и што сè уште ги добивам како дел од Антена 5, во голема мера се заслужни за тоа што сум денес.

Успешен си и како дел од електронското трио BDM. Како дојде до твојата соработка со Бане и Дуле?

Би рекол дека универзумот има начин како да спои луѓе што се на иста енергетска и креативна фреквенција. Така излезе да го формираме BDM, да создаваме музика и да настапуваме заедно. Новиот албум Synapsis треба да излезе годинава и едвај чекам да го слушнат луѓето, бидејќи многу сме горди на него.

Каков е Мартин кога не е зад диџејскиот пулт?

Ноќна птица сум само кога работам и настапувам. Во спротивно, сакам да сум дома. Што би се рекло, „среќен интроверт“.

Во продолжение слушнете го последниот сингл на BDM – преработка на познатиот хит Lucky You од Asle Bjørn, во соработка со Светлана од бендот South Park.

 

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ДАНИЕЛ НИКОЛОВСКИ