Македонија и Турција ќе ја унапредуваат економската соработка преку пружање на поповолни услови за дејствување.
На средба помеѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и турскиот министер за трговија Омер Болат, беше договорена соработка помеѓу царинските служби на двете држави, како и обнова на билатералните договори за меѓусебна работа и потпишување нови меморандуми за партнерство, информираа денеска од Министерството за финансии.
“Македонија и Турција имаат одлична политичка и економска соработка која се темели на голем број меѓусебно потпишани договори.”
“Денеска на средбата со министерот Болат разговаравме и се сoгласивме дека е потребна соработка на царинските органи на двете земји, а во таа насока интензивирање на комуникацијата помеѓу нив во наредниот период. Исто така, стана збор за обновување на меѓусебните договори согласно новите стандарди и препораки, а во насока на подобрување на бизнис климата, привлекување инвеститори и олеснета трговија”, изјави министерката за финансии.
Таа истакна дека Владата е ориентирана кон обезбедување забрзан економски прогрес и зајакнување на партнерството со пријателските земји, меѓу кои е и Турција.
Ефикасната размена на информации беше посочена како врвен приоритет на двете земји. Средбата се одржа во рамките на работната посета на министерката на Турција.
На средбата присуствуваа државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска, Катерина Антовска, шеф на кабинет и посебен советник во Министерството, како и директорите на Управата за јавни приходи Елена Петрова, на Царинската управа Бобан Николовски и на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски.
Од турска страна, покрај министерот Болат, беа присутни и замениците министри Мустафа Тузџу и Сезаи Учармак, шефот на директоратот за меѓународни договори и ЕУ Хусну Дилемре, шефот на директоратот за царина Мустафа Ѓумуш, шефот на директоратот за царинска контрола Реџеп Кошал, како и советникот на министерот Мехмет Хусејин Билгин.
лв/са/фото:Министерство за финансии