Интелигенцијата креирана од човек, 5G и оптичката мрежа, дигиталните способности и можноста на локалните претпријатија да влезат во единствениот европски дигитален пазар, се само дел од темите што ќе бидат дискутирани на овогодишниот „Дигитален самит на Западен Балкан“, кој ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска изјави дека Самитот ќе биде организиран на две платформи, главна и технолошка, со три основни приоритети: дигитален паричник – “сигурен и препознатлив пристап до јавни и приватни услуги”, интероперабилност – “поврзување на системи и регистри за прекугранични електронски услуги” и сајбер-безбедност – “заштита на личните податоци и критичната инфраструктура”. Се очекува присуство на над 800 учесници и говорници.
“Ова регионална платформа ги поврзува владите од регионот, деловната заедница, академијата и меѓународните партнери со цел забрзување на дигиталната трансформација во регионот”, истакна министерот.
На Самитот ќе присуствуваат министри од Црна Гора и Албанија, високи претставници од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, високи претставници на Европската комисија, Регионалниот совет за соработка (RCC), ITU, бизнис секторот од регионот и други меѓународни организации.
Андоновски информираше дека меѓу важните гости и говорници се очекуваат и Ренате Николаи (DG CONNECT), генералниот секретар на RCC, Амер Капетановиќ, заменик-генералниот секретар на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), Томас Ламанускас, видео-обраќање од Томас Јарзомбек (Парламентарен Државен секретар на СР Германија), како и Свјатослав Сењута од VISA, Марк Васич од Дојче Телеком и Кејт Марш од British Council. Тој ги изнесе овие информации на прес-конференција, најавувајќи го Самитот.
Според него, Самитот е од големо значење бидејќи ќе ги продолжи напорите за дополнително намалување на трошоците за роаминг WB6–ЕУ со цел да се постигне “роаминг како дома”, односно нула трошоци за интернет за граѓаните на Северна Македонија и Западниот Балкан во Европската Унија.
Пријавувањето за учество на Самитот е веќе овозможено преку официјалната веб-страница: https://digitalsummitwb6. com/.