Почетна Економија„Денови на оризот во Кочани“ со симболично издание, Ленче Стојанова најуспешен оризопроизводител

„Денови на оризот во Кочани“ со симболично издание, Ленче Стојанова најуспешен оризопроизводител

од nenad
1 минути читај за

Денеска, во поле близу до селото Грдовци, претставници од Здружението на пензионери од Кочани и членови на Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од населбата Оризари го презентираа обичајот жнеење на традиционален начин, со срп.

Во исто време, Општината го објави најдобриот производител на ориз за годината. Овој пат, признанието го доби жена, која потекнува од семејство на земјоделци.

На нај-производителот на ориз за годината, Ленче Стојанова и беше доделена парична награда во висина од 60 илјади денари.

На овој начин, Општината ја одбележа традиционалната манифестација „Денови на кочанскиот ориз“, која оваа година го имаше своето 34-то издание, без вообичаените содржини и без гости од Македонија и соседните земји поради трагедијата од 16-ти март, кога во пожар во кочанска дискотека животот го загубија 62 лица.

Најуспешниот производител на ориз, Ленче Стојанова, со земјоделство се занимава повеќе од две децении. Таа е регистриран земјоделски производител, кој во 2024 година има предадено 55 450 кг оризова арпа и поседува 46 хектари земјоделско земјиште.

Д-р Верица Илиева, професорка на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, во завршниот дел од манифестацијата, го претстави проектот „КАРБОНИКА – Јаглеродна иницијатива за климатски отпорно земјоделство“.

„Со овој, проект се развиваат земјоделски практики кои го задржуваат јаглеродот во почвата или ги намалуваат емисиите на стакленички гасови и практики за следење на нивото на складираниот јаглерод во почвата, како придонес во ублажувањето на климатските промени“, рече Илиева.

ис/ац/Фото: МИА

Извор: МИА