Двајца од четворицата повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, кои беа пренесени во болници во Белгија минатата седмица, денеска се вратија во Скопје по успешното третирање и закрепнување, пренесе дописникот на МИА од Брисел.
Минатата среда, четворица луѓе кои настрадаа во несреќниот пожар во Кочани, беа префрлени на лекување во Белгија со специјален авион на Романската армија, во соработка со ЕУ, и беа хоспитализирани во болници во Брисел, Антверпен и Шарлероа.
Веднаш по објавата за нивното пристигнување во Брисел, многу македонски граѓани кои живеат во Белгија понудија бесплатно сместување и транспорт за членовите на семејствата на повредените, а Амбасадата исто така обезбеди толкувачи, кои им помагаа на повредените и нивните блиски во преводот за време на комуникацијата со медицинскиот персонал.
„Благодарност до сите наши сонародници во Белгија кои покажаа силна солидарност и интерес за помош“, изјави македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски, по повод денешното враќање на двајцата повредени во татковината.
сп/ев/ Фото: ФБ
Извор: МИА