Како најголема пречка во секојдневното работење на инспекторатите беше издвоена неусогласеноста на одредени материјални закони по кои постапуваат инспекциските служби со Законот за инспекциски надзор, од кои дел веќе подолг период се во собраниска процедура.
Вицепремиерката Грковска ја нагласи важноста на зголемувањето на транспарентноста на инспекциските служби и во поглед на јакнење на интегритетот на инспекторите, но и како начин да се зголеми нивната безбедност во исполнувањето на работните обврски. Во насока на понатамошно подобрување на отвореноста на овие служби преку објавување на записниците од извршените надзори, беше донесен заклучок да се изврши консултација со Агенцијата за заштита на лични податоци за да се дефинира соодветната форма која ќе овозможи унапредување на транспарентноста, а истовремено нема да биде спротивна на регулативата за заштита на личните податоци.
Со директорите на државните инспекторати се разговараше и за потребата од зголемување на координацијата помеѓу инспекторатите и Инспекцискиот совет, со цел да се зголеми ефикасноста, но и квалитетот на работењето на инспекторите.