Почетна ЕкономијаГрад Скопје: Новиот Луна парк ќе биде изграден до крајот на 2027 година, за еден месец почнува монтирање на првите реквизити

Град Скопје: Новиот Луна парк ќе биде изграден до крајот на 2027 година, за еден месец почнува монтирање на првите реквизити

од nenad
2 минути читај за

Новиот Луна парк во Скопје треба да биде завршен до крајот на 2027 година, а за еден месец ќе започне монтирањето на седумте реквизити набавени со претходниот договор, соопштија денеска од Град Скопје, посочувајќи дека проектот останува еден од приоритетите на градската власт.

Според информациите од Градот, новиот Луна парк е планиран како модерен забавен комплекс со содржини за различни возрасни групи, меѓу кои ролеркостер, панорамско тркало, водени атракции, интерактивни игри и зони за виртуелна реалност.

Од Град Скопје информираат дека неодамнешното спогодбено раскинување на договорот склучен по нов тендер е донесено со цел да се избегне двојна набавка на исти реквизити и да се обезбеди рационално трошење на јавните средства.

Како што наведуваат, по раскинувањето на претходниот договор за набавка на реквизити, склучен во периодот на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, избраната компанија повела судска постапка против Град Скопје. Судската одлука во корист на фирмата била донесена откако веќе бил склучен договорот по новиот тендер, при што дел од опремата била предвидена во двата договори.

Поради тоа, новиот договор бил раскинат спогодбено за да се спречи дуплирање на реквизитите и дополнително оптоварување на градскиот буџет.

Од Градот нагласуваат дека оваа одлука нема да влијае врз рокот за реализација на проектот. Паралелно со поставувањето на седумте реквизити ќе се работи и на уредување на просторот, со цел да се создадат услови за почеток на функционирањето на дел од забавниот комплекс.

Во меѓувреме ќе биде објавен и нов тендер за набавка на дополнителни атракции, меѓу кои ролеркостер и панорамско тркало, со кои ќе се комплетира понудата на Луна паркот. Од Град Скопје посочуваат дека вредноста на идниот договор ќе биде помала од 10 милиони евра.

Според најавите, новиот Луна парк ќе зафаќа поголема површина од поранешниот, проширувајќи се и на дел од просторот во Градскиот парк каде претходно беа лоцирани летните дискотеки. Со тоа ќе се обезбеди дополнителен простор за нови содржини и подобра организација на комплексот.
Извор: МИА