Германскиот министер за внатрешни работи, Александер Добринт, изјави дека зајакнатите гранични проверки ја намалиле илегалната миграција откако новата влада ја презеде функцијата во мај.
“Од 8 мај досега, попречивме 12.000 нелегални преминувања,” рече Добринт за јавната телевизија АРД, надополнувајќи дека меѓу нив има приближно 660 лица кои побарале азил.
Германија на 8 мај ги интензивираше претходните спорадични контроли на своите надворешни граници по директива на Добринт, набргу по преземањето на власта од новата коалиција предводена од конзервативците.
Министерот исто така, издаде наредба барањата за азил да се одбиваат веднаш на границата – политика што останува правно оспорена.
На прашањето дали владата ќе воведе ограничување за миграцијата, Добринт не сакаше да прецизира бројка.
Тој истакна дека Германија се соочува со лимити во однос на интеграцијата по една деценија на зголемен товар и дека е потребна промена на насоката за да се стави крај на “преоптовареноста” на државата.
ссм/фото: архива.
Извор: МИА