Германија денеска го потврди својот цврст став во врска со санкциите против Русија, по контроверзниот договор за испорака на дизел што го постигнаа американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
– Германската влада останува на одлуките за санкции против Русија и заедно со европските партнери работи на дополнителни санкции – изјави портпаролот на Мерц, Штефан Корнелиус. „Поддршката за Украина во нејзината одбранбена борба останува несоборлива“, додаде тој.
Портпаролката на министерката за економија, Катерина Рајхе, во Берлин исто така рече дека: „Германија безусловно стои зад пакетите санкции“.
ЕУ воведе санкции за руската нафта и нафтени деривати како одговор на инвазијата на Москва врз Украина. Германија повеќе не увезува нафта или нафтени деривати од Русија, истакна портпаролката.
– Нашето снабдување тука е диверзифицирано; ние сме независни од руската нафта – рече таа, додавајќи дека оттогаш е загарантирана безбедноста на снабдувањето.
По телефонскиот разговор со Путин вчера, Трамп објави договор Русија да испорача стотици илјади тони дизел на американскиот и на глобалниот пазар. Вашингтон планира привремено да ги олесни санкциите за рускиот дизел за да овозможи реализација на пратките.
Кремљ го потврди договорот.
Извор: МИА