Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска во земјава ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди.
Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен северен ветер, со брзина која на места ќе надминува 50 километри на час.
Температурите ќе се движат од 6 до 14 степени минимална, додека максималната дневна температура ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, со умерен северен ветер, кој во делови од котлината повремено ќе засилува. Температурата ќе се движи од 10 до 26 степени.
За утре и за време на продолжениот викенд се најавува промена на временските услови. Ќе има променливо облачно и нестабилно време со локални врнежи од дожд, појава на грмежи и засилен ветер.
Локално се очекуваат поинтензивни процеси во форма на невреме, со обилен пороен дожд над 20 литри на метар квадратен и силен ветер со брзина над 60 километри на час.