Table of Contents
Манекенството можеби ја научи како да изгледа совршено пред објективот, но животот ја научи дека вистинската убавина се гледа во енергијата што ја носиме со себе. Моника Црнокрак открива што најмногу сака кај себе, со кои свои особини знае да се „бори“, како ја негува кожата и што ја прави вистински среќна.
Манекенките со децении се сметаат за симбол на убавината, но времињата се менуваат, а со нив и начинот на кој ја доживуваме убавината. Денес, совршените пропорции повеќе не се доволни. Харизмата, самодовербата, ставот и енергијата што ја носи една жена можат да остават многу подлабока трага од кој било физички атрибут.
Моника Црнокрак тоа го знае одлично. Со впечатлив изглед, позитивна енергија и јасен став кон животот, Моника открива што се крие зад нејзината самодоверба, како се грижи за себе и кои мали нешта ѝ го разубавуваат секојдневието.
КРАЈ НА ЕДЕН ИДЕАЛ ЗА „СОВРШЕНА“ МАНЕКЕНКА?
Кои се денешните стандарди за убавина што манекенките мора да ги исполнуваат?
Денешните стандарди за убавина се видно изменети и ми се допаѓа што се оттргнуваме од оној единствен модел на слаба и висока манекенка. Секој човек има своја, различна убавина, па така забележувам дека во последно време се претпочитаат модели со облини. Кога станува збор за изборите за убавина, би поставила граница кај естетските корекции. Сепак, треба да се покаже сопствената природна убавина, нели?
НЕГАТА Е НЕГОВАТА МАЛА СЕКОЈДНЕВНА ЗАДОЛЖИТЕЛНА РУТИНА
Стареењето сè уште е далечен процес за тебе, но преземаш ли уште сега некои чекори за задржување на младешкиот изглед?
Секојдневната рутина за нега на кожата ми е задолжителна. Со оглед на тоа што сум имала многу проблеми со лицето, навистина многу внимавам. Тајната за задржување на младешкиот изглед би рекла дека е корејската козметика. А кога ќе дојде времето за некој естетски чекор, секако дека би го применила, но со мерка.
КОГА МОДАТА БАРА ДИСЦИПЛИНА
Манекенките неретко се изложуваат на ригорозни диети и тренинзи. Како изгледа твојот режим на исхрана и вежбање?
Периодов не сум баш во вежбачко расположение, но секогаш си правам некој баланс со исхраната и речиси секој ден практикувам автофагија. Често ми се случува да се ставам на поригорозен режим кога треба да се подготвам за некој важен настан. А кога ќе се ставам во ред со редовно вежбање, строго сум дисциплинирана.
„БАДИЈАЛА Е НАДВОРЕШНАТА УБАВИНА АКО ЗРАЧИШ СО НЕГАТИВНА ЕНЕРГИЈА“
Надворешната убавина не е целосна без внатрешната. Како го негуваш психичкото и духовното здравје? Што те исполнува најмногу?
Бадијала е надворешната убавина ако зрачиш со негативна енергија. Најмногу ме исполнуваат семејството и најблиските. Нивната среќа и здравје ми се најважни. Моите слатки кучиња Маша и Даша, добра дружба, убава храна, а партија јамб и опасна серија секогаш се добредојдени. Многу сакам да патувам и со голема возбуда и нетрпение ја чекам секоја наредна авантура.
Поврзани објави
ТВРДОГЛАВА, ЕМОТИВНА И – СВОЈА
Кои работи кај себе ги сметаш за твои најсилни страни, а на кои „слабости“ сметаш дека би требало да поработиш?
Како најсилни страни би ги издвоила мојата амбициозност, борбеност, посветеност и дарежливост. Држам силно до себе и не му попуштам никому. Во последно време, кога ќе се изнервирам, си велам: „Така требало да биде, во секое лошо има и добро, не можеш да го промениш тоа што поминало“. Од „слабостите“ можам да кажам дека сум тврдоглава, голем инат и многу емотивна, особено кога станува збор за животни.
А искреноста – не би знаела дали денес тоа се смета за добра или лоша особина. Не би рекла дека сум злопамтило – простувам и верувам во карма и во Господ како најсилната алатка.
„ВРЕДИШ. СЕКОГАШ МОЖЕШ ПОВЕЌЕ“
„Среќата и самодовербата се најубавата шминка што може да ја носи една жена“. Кога си ти најсреќна и најсамоуверена?
Секогаш годи кога ќе слушнеш убав збор за себе и кога некој ќе те пофали, а посебно кога ќе се пофалиш самата себе. Вредиш, секогаш можеш повеќе, бори се и сè што треба да биде твое ќе го добиеш. И не заборавај – сè што правиш во животот, прави го со љубов и пеперутки во стомакот.
НЕЈЗИНИТЕ 3 ФАВОРИТИ
Кои производи се задолжителни во твојата рутина?
1. Anua Heartleaf Pore Control Cleansing Oil – првиот чекор од ритуалот на двојно чистење на лицето.
2. Purito BB Cream SPF 30 – покривен крем со заштитен фактор за природна и блескава завршница.
3. Tom Ford Tobacco Vanille – мирисите на база на ванила и кокос ми се омилени.
УБАВИНАТА ШТО НЕ ЗАВИСИ ОД ОГЛЕДАЛОТО
Моника Црнокрак можеби секојдневно е опкружена со свет во кој изгледот има огромно значење, но нејзината дефиниција за убавина оди многу подлабоко. За неа, убавината е комбинација од самодоверба, позитивна енергија, грижа за себе и способност да останеш свој, дури и кога околината се обидува да ти наметне поинакви правила.
А најважната порака што ја носи со себе е едноставна:
Не мора да бидеш подобра од сите. Доволно е секој ден да бидеш најдобрата верзија од себе.
Разговарала: Марија Лукаревска