Foto: Isa Myzyraj
Најмалку 35 лица побарале лекарска помош по жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата за време на антивладините протести во албанската престолнина Тирана. Полицијата привела најмалку 10 лица, осомничени за насилство и напади врз полициски службеници и државни објекти.
Според Министерството за здравство и социјална заштита на Албанија, до 18 часот медицинска помош побарале 35 лица во двете главни здравствени установи во земјата.
Најголем дел од повредените, вкупно 30 лица, биле згрижени во Универзитетската болница за трауматологија. Меѓу нив има девет полицајци, 12 демонстранти, шестмина медиумски работници, од кои еден странски државјанин, и тројца случајни минувачи.
Другите пет лица биле примени во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Станува збор за тројца полицајци, еден демонстрант и еден припадник на обезбедувањето.
Од Министерството информираат дека четворица повредени веќе се пуштени на домашно лекување, додека останатите се во стабилна состојба.
Протестот започнал во утринските часови, кога голем број граѓани се собрале на плоштадот Скендербег, од каде што се упатиле кон зградата на владата, предводена од премиерот Еди Рама.
Мирниот почеток на протестот прераснал во насилни судири околу пладне. Дел од демонстрантите фрлале камења, метални и дрвени предмети, петарди и молотови коктели кон полициските кордони и државните институции. За време на инцидентите избувнал и пожар на влезот во Министерството за земјоделство.
Полициските сили возвратиле со солзавец и водени топови, а според извештаите на албанските медиуми, употребиле и гумени куршуми. Солзавец бил испуштан и од беспилотни летала, додека полицијата интервенирала на повеќе локации во центарот на Тирана.
Инцидентите продолжиле и во попладневните часови, особено на плоштадот Скендербег, каде што полицијата се обидувала да ги растера насобраните граѓани.
Демонстрациите се одржаа на 114-годишнината од независноста на Албанија. Организаторите и учесниците го изразија своето незадоволство од работата на владата на Еди Рама, барајќи негова оставка.
Post Views: 34
Извор : vesnik-ilinden.com