Се очекува финализирање на списокот со имиња на стручњаците до понеделник, со кои Министерството за здравство ќе склучи договор, со цел да утврдат дали се извршени непотребни хируршки зафати кај пациенти во приватните болници, рече министерот за здравство, Азир Алиу за ТВ24.
Алиу потврди дека еден експерт ќе биде од Словенија, додека за вториот е решено да биде од Италија. За изборот на третиот експерт, во конкуренција се имиња од Австрија и Германија.
Според министерот Алиу, одлуката за ангажирање на странски експерти е со цел да се обезбеди поголема непристрасност и утврдување на фактичката состојба.
Министерот пред два дена посочи дека приватните здравствени установи ќе мора да ги отворат своите бази на податоци за да се следи здравствената историја на секој граѓанин.
“Веќе работи комисија кај нас, ако има законски пречки да се отстранат веднаш, наредната недела, и ќе пуштиме писмо до сите приватни здравствени институции од 15. наредниот месец да мора задолжително да ги отворат базите за да може ние да ги агрегираме сите постоечки информации што се таму во нивните институции. Ова е право на државата. Бидејќи секој граѓанин директно или индиректно придонесува кон здравствениот систем во државата и кон Фондот и затоа, ние мора да бидеме во тек со здравствената патека на секој граѓанин во земјава”, рече Алиу.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски вчера апелираше до сите потенцијално оштетени граѓани во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да достават приговори.
Реакцијата на Клековски доаѓа по изјавата на кардиохирургот, Сашко Кедев пред неколку дена, дека во некои приватни болници се изведуваат непотребни интервенции заради финансиска добивка, вклучувајќи и стентирања и операции.
По оваа изјава, Министерството за здравство најави формирање на комисија составена од експерти од три различни држави, со цел да се испита работењето во приватните здравствени установи, но и да се продолжат контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
нд/Фото: МИА архива .
Извор: МИА