Најмалку 47 луѓе го загубија животот во Непал поради свлечишта и други елементарни непогоди предизвикани од монсунските врнежи.
Информацијата ја пренесе портпаролот на непалската полиција, Бинод Гимире, кој истакна дека најголемиот број на настрадани се од областа Илам, во источен Непал, каде што имало повеќе одрони на земјиште.
“Вкупно 37 лица настрадаа од свлечишта само во Илам, додека останатите жртви се резултат на громови и брзи поплави”, изјави Гимире, додавајќи дека најмалку шест лица се водат како исчезнати на национално ниво.
Силните врнежи од дожд ги отежнуваат операциите за спасување, бидејќи многу патишта се уништени или непроодни поради калта. Целокупниот домашен воздушен сообраќај е суспендиран заради неповолните временски услови и слабата видливост.
Непроодноста на патните правци се случи паралелно со враќањето на стотици илјади Непалци во Катманду од прославата на Дашаин, најзначајниот фестивал во Непал.
Задоцнетите монсунски дождови во Катманду резултираа со покачување на водостојот на реките, што предизвика поплавување на илјадници домови.
Свлечиштата и поплавите се честа појава во хималајската земја за време на сезоната на дождови, при што секоја година животот го губат стотици луѓе.