Почетна ЕкономијаВо декември се очекува да бидеме најуспешни во Реформската агенда и Планот за раст

Во декември се очекува да бидеме најуспешни во Реформската агенда и Планот за раст

од nenad
2 минути читај за

Во врска со Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан, во извештајот од јуни оваа година, бевме рангирани зад Црна Гора и Албанија, но во декември очекуваме да бидеме прворангирани, изјави денес министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.

На денешната прес-конференција со новинарите, на која присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, тој рече дека во моментот Црна Гора е фокусирана на заокружување на отворените поглавја, додека Албанија, од друга страна, на отворање нови.

Тоа, според неговите зборови, е поголема можност земјава да се насочи кон Планот за раст, во споредба со Црна Гора и Албанија, и затоа, додаде тој, очекува во следниот извештај во декември да бидеме најуспешни.

„Одлучивме сите закони кои се во Рефрмската агенда откако ќе ги усвои Владата да се испратат на контрола во Европската комисија, а потоа да одат во собраниска процедура. Можеби тоа ќе значи одредено доцнење при нивното носење, но ќе бидеме сигурни дека се во ред“, рече Муртезани.

Најголеми забелешки од ЕК, како што истакна, има за Кривичниот законик кој претходната влада го донесе со европско знаменце, особено во делот на членот 353.

Премиерот Мицкоски изјави дека нема да се прифатат сите барања од ЕК во однос на законите, особено нема да се одобри барањето за либерализација на цената на електричната енергија за домаќинствата, бидејќи, како што наведе, тоа ќе значи зголемување на цената за два до три пати, особено во првите три години од либерализацијата.

„Нема да го прифатиме ни барањето за зголемување на средствата за судиите и обвинителите кои во измените на законите бараат за судството да се обезбедат 1,3 отсто од БДП годишно или двојно повеќе отколку што е во моментов. Тоа би значело 100 милиони долари годишно, а за некоја година 250 милиони долари. Лично сметам дека и овие плати што ги земаат во моментов не ги заслужуваат зошто имаат рејтинг од само 2 отсто. Со тоа што го бараат платите на судиите и обвинителите би се движеле од 300 до 350 илјади денари месечно.“

„Затоа побаравме од Министерството за финансии да направи компаративна анализа колку се одвојува за судството во Германија, Хрватска, Унгарија,. . . и тоа да и го презентираме на ЕК“, рече Мицкоски. Тој подвлече дека првичните резултати од анализата покажуваат дека во Германија за судството се издвојуваат многу помалку финансиски средства од буџетот отколку што се одвојуваат и бараат од нас.

вј/дма/Фото: МИА архива. Извор: МИА