По повод денот на независноста на Македонија, друштвото за истражување и развој Сефиданис, во клубот Ребел во Охрид го претстави својот најнов проект – хуманоиден робот диџеј. Токму на полноќ, кога Македонија прослави 33 години независност, се роди Алшар, робот во изглед и природни димензии на човек, кој со помош на вештачка интелигенција може автономно да создава уникатни музички дела. Алшар има за цел да не воведе во новата ера, а воедно да понуди конзервација на македонската уметност и културно наследство, при што со помош на современите парадигми на машинско учење ќе може да креира авторска музика, како и да преработува стари дела во нови жанрови и стилови привлечни за новите генерации. Името е инспириано од македонскиот рудник, каде за прв пат во светот е откријан минералот Лорандит.
Токму така, „Лорандит” се вика и композицијата со која се претстави Алшар, креирана целисно со помош на вештачка интелигенција на Суперкомпјутерот на Nvidia – DGX, кој Сефиданис ексклузивно го поседува во регионот. Покрај траката „Лорандит” која е прогресивно техно, а сокрива стихови од песната „Заветна” во изведба на Бојана Скендеровски, Алшар избра да пушта и дела од современата електронска македонска музика, меѓу кои и „Ајде да летаме” на мултимедијалната група PMG.
Иновативното решение Алшар е синергија на неколку технологии со отворен и затворен код. За логичкиот дел користи Tensorflow работна околина со модел на Мета и библиотеки за генеративна вештачка интелигенција, која комбинира парадигми на надгледувано и ненадгледувано машинско учење. Што значи, Алшар ќе може да ги предвидува нашите емоции и сензибилитети поврзани со музиката, со цел да го подигне нивото на забавниот ноќен живот и да понуди ново, футуристичко корисничко искуство. Мехатрониката е базирана на Arduino и RaspberryPi, две широкодостапни технологии, при што роботот користи вкупно пет компјутери, три вградени и два екстерни. Торзото, главата и рацете на роботот се изработени според урнекот Inmoov на францускиот скулптор Гаел Лангевин, додека крилјата ги изработи македонскиот дизајнер Зоран Кардула.