Неопходна е поголемата промоција на Македонија, во бањскиот, црковниот, езерскиот и планинскиот туризам на меѓународните саеми за туризам. Ова меѓу другото се и заложбите со кои ќе се обидеме да ја промовираме земјава на овогодишниот саем за туризам во Нови Сад. Засега соработката меѓу Македонија и Србија во оваа гранка е добра, но секогаш постои можност за подобрување на овој сегмент меѓу двете земји – вели Горан Илиевски претставник на Македонците во Србија и надворешен советник на Новосадскиот саем за претставување на туристичките објекти во Македонија. Според Илиевски Македонија со сите свои капацитети претендира да биде и идна земја партнер на Новосадскиот саем за туризам кој оваа година треба да се одржи од 28 до 20 ноември во соседна Србија.
Туризмот е една голема гранка која според мене мислам дека не е доволно застапена во Македонија. Затоа со задоволство ја прифатив оваа улога да бидам официјално лице кое ќе ги претставува туристичките објекти во земјава на саемот за туризам во Нови Сад. Морам да истакнам дека имаме многу голем потенцијал овде кога станува збор туризмот а како еден од оние кои се заборавени покрај бањскиот е и црковниот туризам кој може да донесе поголема промоција на земјава. За потсетување Охрид е европскиот Ерусалим кој има 365 цркви и манастири кој според мене не е доволно претставен пред српската и потоа и светската јавност најдобро. Затоа ценам дека Македонија има огромни можности за развој на црковниот туризам, но за негово развивање неопходна е и државна стратегија – потенцираше Илиевски. Анџелка Савиќ претставничка од новосадскиот саем за туризам вели дека меѓународните саеми од овој тип како што се одржува овој веќе 55 години во Нови Сад е одлично место за промоција на земјата.
Оваа година наш партнер земја на саемот е Унгарија, но деновиве работиме на тоа во иднина Македонија да ни биде земја партнер на меѓународниот саем за туризам во Нови Сад. Во таа насока се и активностите наши овдека меѓу кои е и оценувањето на угостителско-туристичките центри во земјава каде наскоро ќе бидат наградени и промовирани најдобрите од земјава. А како потврда на сето ова ќе биде и доделувањето на признанијата за најдоброто од Македонија во сегментот на туризмот кои впрочем ќе бидат врачени на 27 ноември од страна на претставниците на саемот за туризам од Нови Сад – вели Савиќ. Соговорниците во разговорот во студиото посочија дека тие се благодарни од соработката Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Република Северна Македонија и додадоа дека очекуваат и во иднина да продолжи ваквата соработка меѓу двете земји и институции на ова поле.