Дека Вардар ќе се пласира на фајнал-фор турнирот од СЕХА-лигата беше јасно уште по триумфот од 13 разлика (38-25), во првиот четвртфинален меч со Војводина, во Скопје, меѓутоа, таквиот развој на нештата не смееше да му дозволи на македонскиот првак да се опушти на гостувањето во Нови Сад, па и вторпат го совлада првакот на Србија.
Иако конечниот резултат 32-26 делува сигурно, дури и убедливо, на терен не беше така цело полувреме, па и подолго. Војводина го контролираше мечот од почетокот и водеше со максимални пет разлика неколку пати во првото полувреме. На пауза замина со 16-11, а водството траеше уште десетина минути во вториот дел.
Владо Недановски се обиде да ги мотивира своите ракометари, против комбинираниот тим на Војводина, составен главно од младинци, па пресвртот почна некаде по 35. минута. Со серија од 5-0, црвено-црните прво изедначија, а потоа првпат поведоа, со 20-19 во 42. минута.
Извор: sport1.mk
